Најубавата легенда…
Уште додека бев дете, еден древен мит ја жигоса мојата претстава за врските. Легендата за андрогините. Тие прекрасни суштества имале по две глави, четири нозе, четири раце. Биле неверојатно моќни. И умни. И горди. Толку горди, што предизвикале завист кај боговите. И тие се разбира смислиле како да ги казнат. На еден совршено едноставен и совршено жесток начин. Ги разделиле прекрасните суштества на два дела. Од тогаш деловите (луѓето) лутаат по Земјата. Носат по една глава, две раце, две нозе. И ја бараат својата половина. За да станат повторно моќни, и дрски и исполнети.
Иронијата на реалноста…
Животот, слепата случајност, боговите…секогаш имале горчливо чувство за хумор. Феноменот „фаст фуд“ е дел од нашиот живот. Удобен но нездрав. Ако си над 30 без да си создал семејство, се потешко веруваш во идеологијата да ја најдеш својата половина. Таа идеологија, колку и мизерно да звучи, се сведува на секс. Тоа максимално демотивира.
Уште поиронична реалност…
Дали сериската моногамија е најтажното нешто? Дали не е пострашна другата современа вистина дека: секој садист го наоѓа својот мазохист! Кој ѓавол е поцрн – нездравите врски или неспособноста за обврзување? Секогаш кога од врската се очекува да ја пополни празнината во личноста, таа е осудена. Осудена да не се случи или да биде несреќна.
Ако сакам врска, за да се грижи некој за мене, можеби и ќе најдам. Но заедно со грижата ќе ја добијам и контролата, зависноста, оковите, рутината. Ако сакам врска, зошто сакам да се грижам за некого, можеби и ќе ја најдам. Но заедно со неа и нееднаквост од самиот старт, а тоа не е мојата половина. И тогаш?
Ете нова теза!
Премногу напор и време се троши во потрагата по идеалната половина. Многу поадекватно е тоа да се пренасочи во целта – јас да се претворам во идеална половина. А идеалната половина…таа не е ништо друго и поразлично од исполнета и зрела личност.
Па така, кога некој убав сончев ден ќе ја сретнам другата исполнета и зрела личност, таа средба ќе е толку совршена…освен ако повторно не предизвика завист кај боговите!