
На сите оние кои сакаат да поминат повеќе време во царството на соништата, им го честимаме Светскиот ден на спиењето! Оние кои ги пропуштаат благодетите на квалитетниот сон можеме само да ги потсетиме на тоа колку грешат и што губат…
Во петок, на 14 март, се прославува светскиот ден на спиењето. На овој ден, во голем број земји, се организираат најразлични настани со кои се подигнува свеста за влијанието што спиењето го има врз целокупното здравје.
Секоја година, во сè поголем број земји се одбележува светскиот ден на спиењето. Причината за тоа е едноставна – сите научни истражувања покажуваат дека редовното и пред сè квалитетно спиење претставува темел на доброто здравје.
На 14 март, 2014, во огромен број градови, на неколку континенти, ќе се одржат:
– Настани на јавни места, на кои ќе се делат флаери и брошури и ќе се објаснува важноста на спиењето;
– Прес конференции на кои ќе се информираат локалните медиуми за проблемите поврзани со спиењето, со кои се соочува модерниот човек;
– Гостувања во медиумите, на истакнати научници, кои ги истражуваат и работат на проблемите поврзани со нарушувањата на циклусот на спиење;
– Дистрибуирање на физички и онлајн публикации за значењето на квалитетниот одмор и добриот сон;
– Во одредени места, каде што постои можност, ќе бидат поставени и автосимулатори, со чија помош ќе се демонстрира опасноста од заспивање зад воланот.
Кога спиењето ви е нередовно или нарушено, кога спиете прекусо или предолго, кога не можете квалитетно да се одморите поради лошите услови и подлогата за спиење, тогаш сте соочени со огромни здравствени ризици:
1. Зголемување на телесната тежина. Не само што спиењето игра огромна улога во регулацијата на хормоните, туку нередовното спиење многу често повлекува и грицкање во доцните вечерни, па и ноќни часови, кога метаболизмот е природно подзабавен и храната едноставно ви се напластува во форма на масни наслаги.
2. Кардиоваскуларни заболувања. Луѓето со нарушен циклус на спиење се соочени со многу поголемо ниво на стрес хормони. Ова доведува до варијации во крвниот притисок, што пак, на долг рок, може да предизвика цела низа кардиоваскуларни нарушувања и заболувања.
3. Дијабетес. Со замото тоа што нередовниот сон придонесува за брзо зголемување на телесната тежина, го зголемува и ризикот од дијабетес. Но, тоа не е најголемата опасност. Имено, истражувањата покажаа дека по само една ноќ неспиење, организмот има за речиси двапати помала способност за обработка на гликозата.
4. Главоболки и мигрени. Секој што некогаш прескокнал спиење, знае дека следниот ден е исполнет со главоболки. На долг рок, нарушеното спиење може да доведе до посериозни мигрени, остри главоболки и вртоглавици, поради недоволниот одмор, кардиоваскуларните нарушувања, итн.
5. Депресија. Хемикалиите во мозокот што се одговорни за регулација на циклусот на спиење и будење, исто така се одговорни и за регулација на расположението. Оттаму, многу е логично што луѓето кои имаат нарушено спиење се многу поподложни на депресија, а откако ќе паднат во депресија, стануваат многу поподложни на несоница. Потоа, многу е тешко да се излезе од оваа надолна спирала.
httpv://www.youtube.com/watch?v=AMvyBXOWQOA