Samsung официјално ја претстави најновата верзија на својот најдобар телефон, одличниот Galaxy Note 4. Телефонот добива целосно нов процесор, а со тоа и поддршка за најбрзата LTE конекција во светот…
Новата верзија на Galaxy Note 4 ќе доаѓа со Snapdragon 810 чипсет, кој вклучува 64-битен octa-core процесор што работи на 2,7GHz. Ова претставува навистина огромен скок од оригиналниот модел, кој доаѓа со Snapdragon 805 – quad-core процесор кој работи на 2,5GHz и работи на 32-битна архитектура. Бидејќи продажбата на телефонот ќе започне во јануари идната година, ова ќе биде првиот уред со новиот Snapdragon 810, кој според бенчмарк тестовите е најбрзиот во светот.
Засега не се знае дали RAM меморијата ќе биде зголемена од 3GB на 4GB со цел да се искористат предностите на 64-битната архитектура.
Вториот потврден новитет кај овој модел е што ќе поседува Category 9 LTE-A модем, кој е значително побрз од сегашните Category 7 LTE-A модеми кај повеќето модели, вклучувајќи го и оригиналниот Galaxy Note 4. Претходниот моде поддржуваше брзини до 150Mbps/300Mbps, додека пак новиот модел ќе поддржува брзини до 450Mbps, кога тоа ќе го дозволи мрежата.
За илустрација, филм од 700MB со 450Mbps се симнува за само 14 секунди, додека пак можете да лоадирате 15 песни (60MB) за само една секунда.
Засега нема информации за цената на уредот, иако се претпоставува дека ќе биде идентична на претходниот модел, иако постои мала веројатност (официјално) овој уред да се продава надвор од Јужна Кореа.