Многумина од нас веќе напамет ги научиле симптомите на корона вирусот, но можеби и не е лоша идеја да ги повторуваме од ден на ден, особено кога тие лесно може да се помешаат со симптоми на сезонски грип или настинка.
Познато е дека Ковид-19 може да предизвика треска, кашлица, отежнато дишење, болки во мускулите и замор. Но, бидејќи овој вирус се шири и се развива, експертите и заразените лица излегуваат со нови сознанија и нови симптоми што можат да се појават во одредени случаи.
Овие се поретки симптоми кои првично не се поврзуваат со корона вирусот, но од друга страна, може да бидат показател дека сте заразени со истото. Тоа се ментален замор, висок крвен притисок, губење на апетит, болка во очите и губење на мирис и вкус.
Губење на мирис
Губењето на мирис, т.н. аносмија, уште многу одамна го поврзувале со вирусите, а во моментов податоците од голем број земји сугерираат дека „значителен број“ на пациенти го доживеале ова како еден од симптомите на корона вирусот. Честопати ова е единствениот симптом, се вели во официјалното соопштение на британското здружение на лекари за уво, нос и грло.
Од друга страна, американското здружение на оторинголаринголози наведува дека еден од можните симптоми е губење на мирис и вкус, познат и како дисгевзија и дека не е придружен со никакви знаци на респираторна болест.
Доктор Клер Хопкинс, претседателка на британското здружение за ринологија, истакна дека таа лично прегледала четири пациенти помлади од 40 години кои немале никакви симптоми освен ненадејно губење на мирис. Слични моменти имале и германските лекари во болницата во Бон, кои спровеле анализа на повеќе од 100 пациенти заразени со Ковид-19 и откриле дека скоро 70 проценти од нив споменале дека на неколку дена го изгубиле чувството за мирис и вкус.
„Тоа оди до тој степен што мајката не можеше да ја помириса полната пелена на своето бебе. Другите не можеа да го осетат мирисот на шампонот, а храната немала вкус”, истакна германскиот лекар Хендрик Срејк од одделот за вирусологија, додавајќи дека постои сомневање дека овој симптом се јавува во подоцнежната фаза на инфекцијата.
Дигестивно нарушување
Еден од поретките симптоми може да бидат дигестивните нарушувања како што се гадење, дијареја, повраќање… Во просек, еден од 10 пациенти заразени со корона вирусот има некој од овие симптоми. Според извештајот на Светската здравствена организација, околу 5 проценти од заразените чувствуваат мачнини, но новите истражувања сугерираат дека бројот може да биде поголем и дека дури половина може да развијат дигестивни нарушувања покрај респираторните симптоми.
Главоболка и вртоглавица
Главоболката и вртоглавицата исто така можат да бидат знаци на вирусна инфекција. Според една студија, околу 8 проценти од заразените пациенти пријавиле главоболка. Силна и нагла вртоглавица е присутна во некои од случаите.
Замор
Еден од најчесто пријавуваните атипични симптоми е дезориентација, исцрпеност и непријатност. Сепак, во повеќето случаи овие симптоми се придружени со други симптоми како што се кашлање или треска.
Конјунктивитис
Еден до три проценти од пациентите имаат уште еден необичен симптом – конјунктивитис. „Многу вирусни заболувања можат да влијаат на очите. Забележуваме дека Ковид-19 може да влијае на конјунктивитис кај мал број луѓе”, предупреди офталмологот Висенте Дијаз, додавајќи дека вирусот може да се пренесе преку секрет од очите на заболените.