Поради пандемијата на коронавирус, повеќето плажи во светот се затворени за јавноста. Со правилата за социјална дистанца, многумина стравуваат дека оваа година ќе биде невозможно да уживаат во традиционалните летни радости како пливање и сончање.
Затоа италијанската компанија „Nuova Neon Group 2“ претстави еден вид решение во форма на плексиглас кабини што би можеле да бидат поставени на плажите и со тоа да се направи дистанца од другите пливачи.
Кабините на плажите би биле високи околу два метра, широки околу 4,5 метри, или доволно пространи за да сместат две лежалки и чадор.
„Пред една недела се обидовме да замислиме како ќе изгледа враќањето на плажа. Идејата се роди со желбата да се заштитиме, но и да овозможиме повторно да се започнат активностите“, изјави Клаудио Ферари, извршен директор на Nuova Neon Group 2, за La Republica.
Оваа компанија обично се занимава со производство на панели, а во последно време е специјализирана за производство на прегради за банки, болници и ресторани.
Ферари призна дека тие веќе започнале да добиваат нарачки од италијанските плажи да ги направат овие прегради што ќе ги оддалечат луѓето и потенцијално ќе го спречат ширењето на болеста, пренесува Daily Mail.