Британскиот престолонаследник ја даде својата прва изјава откако неговиот тест беше позитивен на КОВИД-19.
Принцот Чарлс, кому му беше дијагностициран корона вирус пред неколку дена, зборуваше јавно и ги сподели своите искуства поврзани со болеста, но им се заблагодари и на оние кои храбро се справуваат со пандемијата.
Тој ја опиша пандемијата на корона вирусот како „чудно, фрустрирачко и многу стресно искуство“. Принцот го искористи обраќањето кон јавноста за да им се заблагодари на сите оние што се на првите редови на одбраната против вирусот, особено медицинскиот персонал и службата за итни случаи, за кои кажа дека херојски се борат за секој живот во Велика Британија и ги ризикуваат своите животи.
„Откако неодамна ја поминав заразата на корона вирусот, за среќа со само релативно благи симптоми, сега се наоѓам со друга состојба на болеста, но тоа сепак подразбира мерка на строга самоизолација. Секој ден ние учиме колку е чудно, фрустрирачко и стресно ова искуство – кога не можете да бидете со своите најблиски и кога структурата на вашиот нормален живот исчезна преку ноќ“, изјави принцот.
Тој додаде дека во овие тешки времиња мисли на неговата сопруга Камила и на оние кои се борат со оваа злобна болест, како и на луѓе кои изгубиле некој близок.
Принцот Чарлс и неговата сопруга Камила во моментов се разделени откако му беше дијагностициран корона вирус, додека војвотката беше тестирана и тестот покажа негативен резултат.