Новата појава на вирусот корона ги принуди кинеските власти да воведат строги мерки за изолација на североистокот на земјата, така што повеќе од 108 милиони луѓе во моментот се наоѓаат во новиот карантин, пишува Блумберг.
И покрај фактот дека само 34 нови случаи на инфекција се регистрирани во провинцијата Џилин, која е наведена како фокус на инфекцијата, автобускиот и железничкиот сообраќај беше суспендиран, а училиштата беа затворени.
„Брзата и силна реакција на Кина го отсликува нејзиниот страв од втор бран на инфекција, дури и откако престана да го шири вирусот со големи економски и социјални загуби. Исто така, тоа е знак колку е кревок процесот на повторно отворање на Кина и другите земји, затоа што дури и малото навестување за зголемување на инфекцијата може да предизвика враќање на строга изолација “, пишува агенцијата.
Новиот бран на инфекција го објави и кинеската агенција „South China Morning Post“ (СЦМП), а според информациите, властите целосно го блокираа градот Шулан, а делумно и градот Џилин, и двата во покраината со исто име.
Според СЦМП, строга блокада е на сила во Шулан, а на еден член на семејството му е дозволено да ги напушта домовите два часа на секои два дена на шопинг. Влезовите и излезите од градот и од околните градови и села се затворени. Кинеската агенција не го наведува точниот број на луѓе во карантин, ниту, пак, очекуваното траење.
Според кинеската Комисија за здравствена заштита, седум нови случаи на инфекција со ковид 19 биле регистрирани во земјата на 17 мај. Според официјалните податоци, од почетокот на епидемијата се заразени 82.954 лица во земјата, додека 4.634 лица починале.