Откако ги прегледаа новите податоци што сугерираа дека маските можат да го спречат ширењето на корона вирусот, Светската здравствена организација сепак остана на старата позиција и не ги препорачува.
СЗО го преиспита својот став за заштитните маски откако податоците од Хонг Конг сугерираа дека носењето на маски потенцијално може да го спречи ширењето на вирусот. Но, во своите нови препораки објавени во понеделникот, СЗО ја задржа својата стара позиција – иако маските можат да го ограничат ширењето на инфекцијата, тие сами по себе не се доволни.
„Нема докази дека носењето маска во јавност го спречува заразувањето на здравите луѓе”, заклучи СЗО.
„Маските се за заштита на другите, а не за заштита на себеси” – истакна професорот Дејвид Хејман, кој ја водеше Советодавната група на СЗО за ризични инфекции.
Оваа група исто така потврди дека вирусот може да го пренесат и луѓе кои сè уште немаат симптоми на корона вирус, но додаде дека тој сè уште се пренесува преку капки или заразени површини. Најдобрата превенција е сепак социјалното растојание и миењето раце.
Според препораките, луѓето со симптоми на корона вирус треба да носат маска, да се самоизолираат и да побараат лекарска помош, а оние што се грижат за нив треба да носат маска кога се во иста просторија.
Препораките на СЗО се различни од оние дадени од страна на Американскиот центар за превенција и контрола на болести и голем број европски земји.
Хеман тврди дека маските би можеле да создадат погрешно чувство на безбедност што на крајот ќе ги доведе луѓето во поголем ризик. Дури и ако се покриени носот и устата, вирусот сè уште може да влезе низ очите. Друг проблем е што луѓето може да се заразат при вадење или прилагодување на маската на лицето, поради што СЗО препорачува луѓето што ги носат во јавноста да ги користат безбедно.
Тие додадоа дека земјите што препорачуваат да се носат маски треба да проверат колку е ефикасна мерката.