
Врската на одмор може да изгледа премногу идилично, а секој барем еднаш доживеал да се препушти на емоциите за време на одморот. Меѓутоа, што да се прави кога ќе дојде крајот?
Летните месеци и високите температури позитивно влијаат на расположението на секој од нас. Опуштени сме, насмеани и поотворени за бројни авантури. Сите со нетрпение го очекуваме периодот на одмор, особено поради бегството од напорното секојдневие. На одмор секој барем еднаш имал авантура, а некои нашле и љубов. Романтиката ни функционира, а емоциите се доведени „на повисоко ниво“. Сепак, на сите добри работи им доаѓа крајот. Што да направите кога е време да се вратите во реалноста.
Комуникацијата е клучна
Комуникацијата е клучот за секој добар и квалитетен однос. За да дознаете повеќе за другата личност, неговите планови и желби, треба често и искрено да разговарате. Нема сомнеж дека личноста која штотуку ја запознавте веројатно ќе ви каже работи кои би сакале да ги слушнете, сепак, обидете се да го продлабочите разговорот. Не се задоволувајте со површни одговори, без разлика колку тие се пријатни за вашите уши. Не двоумете се да го прашате партнерот кои се неговите планови за иднината, дали сте во неа, дали има некоја друга личност во неговиот живот… Сепак, мора да бидете подготвени и за одговорите кои ќе ги добиете, а кои можеби нема да ви одговараат. Ако вашата разделба заврши со ветувања дека ќе продолжите да се гледате без разлика на далечината, обидете се да добиете некој цврст доказ за тоа.
Испитајте ги чувствата
Откако ќе се вратите дома, реално погледнете ја ситуацијата. Дали личноста со која поминавте незаборавни неколку дена е навистина добар избор за вас? Оставете ги емоциите на страна и размислете искрено за таа личност и нејзините особини. Како може да се вклопи во вашиот живот во реални, секојдневни околности? Доколку одговорите на овие прашања се позитивни, се чини дека сте научиле нешто повеќе од летната авантура.
Сè нека остане убав спомен
Ако вашата летна авантура беше повеќе страсна отколку романтична, можеби е подобро да ја оставите како драг спомен. Личноста со која сте поминале неколку возбудливи денови на одмор може да биде сосема поинаква во реалните животни околности. Нема ништо лошо во тоа што се препуштивте на страстите и на сите привлечности на морето. Не форсирајте го продолжувањето на приказната ако и самите знаете дека нема потенцијал за ништо повеќе.
Соочување со реалноста
Да тргнеме од фактот дека поминавте неколку дена заедно со тотален странец. Дали беше искрен со вас? Има ли некој друг во неговиот живот кој тогаш бил со километри далеку? Можеби вашиот совршен партнер сепак е туѓ избраник? Не е невообичаено ваквите сценарија да се остварат. Затоа, памет во глава, а држете ги емоциите настрана. Барем додека не ги утврдите сите околности и не дознаете каква е всушност личноста со која сте влегле во авантура.
Бајките сепак постојат
Сепак, не треба да земате сè со резерва. Можеби вашата летна приказна е почеток на вистинска бајка. Судбината знае вешто да си поигрува со животот на луѓето. Ако сте навистина убедени дека сте го нашле идеалниот партнер, потрудете се врската да функционира. Препуштете се на емоциите, но со доза на претпазливост. Ако видите дека тие се взаемни, и дека вашиот партнер се обидува да направи врската да функционира и покрај сѐ, сте нашле љубов. Не летна, туку онаа за живот. Не е толку вообичаена приказна, но ако вашата е таква, чувајте ја.