Центарот за трговија со дијаманти Surat Diamond Burse во Индија е прогласен за најголема деловна зграда во светот.
Дијамантската берза опфаќа површина од приближно 659.000 квадратни метри во рамките на новата деловна област Diamond Research и Mercantile City во Сурат, Индија, и опфаќа девет меѓусебно поврзани облакодери од 15 ката.
Овој деловен комплекс содржи 4.500 канцеларии за трговци на дијаманти со различна големина од 27 до 250 квадратни метри. Нив ги опслужуваат 131 лифт, а достапни се и бројни повеќенаменски простори – од конференциски сали до ресторани до банки, па дури и хотели.
„Surat Diamond Burse“ ќе вклучува и наменска царинарница со национален институт за истражување на дијаманти, меѓународен конгресен центар и разни други образовни институции.
По четири години градежни работи, кои делумно беа одложени поради пандемијата на коронавирус, центарот Surat Diamon Burse треба официјално да биде отворен на 21 ноември годинава.
Тогаш и официјално ќе го симнат од тронот американскиот Пентагон, кој со години важеше за најголемата деловна зграда во светот. Седиштето на Министерството за одбрана на Соединетите Американски Држави, имено, има 620.000 квадратни метри канцелариски простор.