Преземени натамошни чекори за развој на балансирано и одржливо работење
Според неревидираните податоци, вкупниот приход на Групацијата Триглав во 2022-ра година се зголеми за 10%, на 1.599,3 милиони евра, додека нејзината добивка пред оданочување изнесуваше 134,5 милиони евра, што е 1% повеќе споредено со претходната година. На надминувањето на резултатот, покрај добрите деловни резултати, влијаеа и соодветните прилагодувања на влијанијата од деловното опкружување. Групацијата, која што постојано спроведуваше стратешки развојни активности и ги постигна своите одржливи амбиции, останува финансиски силна, со висока капитална адекватност, која што на крајот од годината беше позиционирана околу долниот лимит од својот целен опсег. Двете реномирани агенции за кредитен рејтинг повторно ѝ доделија на Групацијата Триглав висок кредитен рејтинг “А”, со стабилна среднорочна перспектива во 2022-ра година. Задоволството на клиентите и вработените повторно достигна високо ниво.
ДОБИВКА ПРЕД ОДАНОЧУВАЊЕ. Групацијата Триглав во 2022-ра година оствари добивка пред оданочување од 134,5 милиони евра, остварувајќи раст од 1% споредено со претходната година и надминувајќи го планот. Андреј Слапар, Претседател на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, рече: „Минатата година направивме важни развојни чекори и постигнавме добри резултати во предизвикувачка деловна средина, што ги потврди цврстината на нашиот деловен модел и флексибилноста и ефикасноста на нашата стратегија. Врз основа на сето ова, успеавме исто така соодветно да се прилагодиме на промените во деловното опкружување, особено на зголемената инфлација и неповолната ситуација на финансиските пазари.“
ПРЕЗЕМАЊЕ НА ОСИГУРИТЕЛНИ РИЗИЦИ. Вкупниот приход на Групацијата Триглав се зголеми за 10%, на 1.599,3 милиони евра, од кои што бруто полисираната премија изнесува 1.479,6 милиони евра (за 9% повеќе од 2021-ва година). Раст на премии беше забележан во сите три осигурителни сегменти и на сите пазари. Премијата за неживотно осигурување се зголеми за 12%, премијата за животно и пензиско осигурување за 6%, а премијата за здравствено осигурување за 3%. Таа во Словенија достигна 7% и беше во согласност со пазарните трендови, додека на другите пазари од регионот Адриа изнесуваше 12%. Премијата, полисирана на меѓународниот пазар врз основа на принципот на слободно движење на услугите и бруто полисираната премија за реосигурување се зголемија за 17%. Останатите приходи од осигурување се зголемија за 23%, на 59,9 милиони евра, а другите приходи на Групацијата се зголемија за 12%, на 59,8 милиони евра, а првенствено вклучуваа приход од управување со средства и продажба на вложувањата во недвижнини.
Бруто исплатените штети се зголемија за 13%, на 832,2 милиони евра. За ова придонесоа и големите природни катастрофи во проценета вредност од 32,1 милион евра, што беше за повеќе од 20% повисоко од петгодишниот просек. Комбинираниот коефициент на Групацијата од 88,1% беше поволен, првенствено како резултат на подобрениот штетен коефициент, поради делумното ослободување на резервациите за штети. Бруто оперативните трошоци на Групацијата се зголемија за 12% (374,9 милиони евра) како резултат на инфлацискиот притисок, зголемениот обем на работење и инвестирањето во дигитализација и други развојни активности,. Урош Иванц, член на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, рече: „Зголемениот обем на работа и делумното ослободување на резервациите за штети, издвоени во изминативе години, ефикасно ги надоместија зголемените оштетни побарувања и оперативни трошоци, кои што се должеа на зголемената активност во резидентниот и во корпоративниот сегмент, зголемувањето на инфлацијата и другите влијанија од деловното опкружување. Во проценката на резервациите за штети, беа следени трендовите на најдобра проценка, согласно сметководствениот стандард МСФИ 17, доближувајќи го нивниот износ до нивната проценета вредност според МСФИ 17.”
ФИНАНСИСКА ПОЗИЦИЈА. На 31.12.2022 година, вкупната билансна состојба на Групацијата Триглав достигна 4,1 милијарди евра (индекс 94), вкупната вредност на капиталот изнесуваше 752,8 милиони евра (индекс 81), а бруто осигурителните технички резервации изнесуваа вкупно 3.100,0 милиони евра (индекс 97). Андреј Слапар, претседател на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, рече: „Групацијата Триглав останува финансиски силна; нејзината финансиска позиција во 2022-ра година беше значително погодена од случувањата на финансиските пазари, зголемувањето на инфлацијата и повисоката исплата на дивидендите. И покрај повисоките ризици, на крајот на годината капиталната адекватност на Групацијата беше висока и позиционирана околу долниот лимит на целниот опсег што го поставивме.”
ИНВЕСТИЦИСКО ПОРТФОЛИО И СРЕДСТВА ПОД УПРАВУВАЊЕ. Зголемувањето на каматните стапки и падот на цените на акциите на финансиските пазари резултираа со намалување на инвестициското портфолио за 11% (3.271,2 милиони евра на крајот на 2022 година). Приносите од инвестициското портфолио беа негативни (-15,7 милиони евра). Во управувањето со инвестициските портфолија наменети за покривање на осигурителните обврски, компанијата конзистентно ги усогласуваше обврските и средствата во однос на износот, доспевањето и валутата, со што дополнително се ограничуваат неповолните ефекти од зголемените каматни стапки. Во согласност со инвестициските политики, конзервативната структура и квалитетот на инвестициското портфолио не се променија значително. Најголемиот дел (82,8%) од портфолиото (со исклучок на производите за осигурување на живот, кај кои што осигуреникот го презема ризикот) се обврзници од развиени пазари, од кои што повеќето имаат висок кредитен рејтинг. Поголемиот дел од инвестициите во производи за осигурување на живот, каде осигуреникот го превзема ризикот, претставуваат средства инвестирани во заеднички фондови, избрани од носителите на полиса, и претежно фондови, управувани од Групација Триглав. Иако тие забележаа нето позитивни приливи во 2022-ра година, средствата се намалени за 10%, на 1.389,5 милиони евра, поради пониските цени на финансиските пазари. Со одржувањето на пазарен удел од 31,3%, Групацијата Триглав е еден од водечките управувачи на средства во заеднички фондови во Словенија.
ПОСВЕТЕНОСТ НА ОДРЖЛИВОСТ (ESG). Групацијата Триглав зацрта стратешки амбиции за одржлив развој во доменот на екологијата, општествениот развој и управувањето до 2025 година, кои што систематски ги спроведува во своите стратешки активности, во процесите, во однос на општествената средина и во корпоративното управување.
Во овие домени, се проширува опсегот на услуги, кои што промовираат социјални и еколошки придобивки, како што се осигурување на соларни централи, осигурување на микромобилност, осигурување на електрични и хибридни возила, земјоделско осигурување (кое што промовира локалното производство и подобрување на заштитата на земјоделските култури од суша). Во инвестициското портфолио на Групацијата се зголемува уделот на обврзници со зелено, одржливо и општествено влијание. Нивниот удел во портфолиото на обврзници до 31-ви декември, 2022 година изнесува 10%. Веќе неколку години по ред на клиентите на Групацијата Триглав на располагање им е фонд за одржлив капитал, Триглав Зелени, кој што е во согласност со регулативата на ЕУ за информирања, поврзани со одржливоста во секторот за финансиски услуги.
Во согласност со зацртаните еколошки цели, Групацијата ја намалува потрошувачката на енергија и хартија и количината на отпад во сопствените процеси. Како резултат на тоа, во 2022 година јаглеродниот отпечаток од Опсег 1 и Опсег 2 се намали за 11%. Покрај тоа, беа направени првите инвестиции во соларни панели, за да се обезбеди делумна енергетска самостојност. Уделот на електричните и хибридните возила во возниот парк се зголеми, а постигнат е и напредок кон дигитализација и работа без хартија.
Групацијата секогаш била вклучена во општествени и еколошки одговорни проекти, партнерства и донации. Во 2022-та година, заедно со партнерите од областа на спортот, културата, здравството, превенцијата и економијата, беше дизајнирана платформата Insure Our Future, (Осигури ја иднината) посветена на подигнување на свеста за важноста на практиките за одржливост, врз основа на 17-те Цели за одржлив развој на Обединетите нации (SDGs).
Групацијата во своето работење ги следи високите стандарди за корпоративно управување. Негува култура на различност и инклузија, препознавајќи ги можностите што ги носи. Жените претставуваат 55% од сите вработени, 45% од сениор менаџмент и 24% од вработените, кои водат или надгледуваат компании во Групацијата. Таа учествува во меѓународните иницијативи на ОН за PSI (принципи на одржливо осигурување), UNEP FI и партнерството на PCAF, кои ги спроведуваат принципите на одржлив развој, и известува во согласност со стандардите за одржливост на GRI, SASB и прашалникот за климатските промени на CDP.
СПРОВЕДУВАЊЕ НА ПОЛИТИКА ЗА ДИВИДЕНДИ. Заваровалница Триглав, се стреми да биде профитабилна, безбедна и стабилна инвестиција за своите инвеститори. Во 2022 година, уделот на ЗВТГ, исто така, беше погоден од случувањата на берзите, со тоа што нејзината цена падна за 6% (индексот на љубљанската берза SBITOP падна за 17%). Вкупниот принос изнесуваше 4,5%, од кои приносот од дивидендите изнесуваше 10,7%. По две години одбележани со пандемијата, Компанијата исплати повисока дивиденда од 3,70 евра бруто по акција во 2022 година. Покрај нивото на расположливиот капитал на Групацијата, во предвид беше земена исклучителноста на некои сегменти од работењето на Групацијата во претходните две години.
Андреј Слапар, претседател на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, рече: „Во година полна со предизвици, работевме уште повеќе на градење на побезбедна иднина за нашите клиенти, вработени и акционери, што ќе биде наш водечки принцип и во иднина. Ни значи многу што клиентите уште еднаш го препознаа вложениот напор и се задоволни од нас; покрај тоа, нашиот тим од над 5.300 вработени, исто така, изрази високо ниво на задоволство, и искрено им се заблагодарувам за успешната работа.“
СТРАТЕГИЈА НА ГРУПАЦИЈА ТРИГЛАВ ДО 2025 ГОДИНА. Продолжувајќи ја својата дигитална трансформација и развивајќи услужно ориентирани деловни екосистеми, Групацијата ја следи својата главна стратешка цел – извонредно и еднообразно корисничко искуство на клиентите во рамките на сите канали, процеси, производи и компании. Нејзината трансформација се заснива на унифицирано управување со корисничкото искуство и дигитално работење. За таа цел, во 2022-ра година Групацијата продолжи со дигитализацијата на своите асистентски услуги и процедурите во доменот на продажба и штети, како и развој на единствена платформа за комуникација и обезбедување услуги за клиентите. Покрај тоа, неколку внатрешни процеси веќе се опремени со алатки за роботска автоматизација на процесите. Екосистемите во клучните области на здравството, финансиските услуги, мобилноста, животот и домашните миленичиња продолжија да се поврзуваат во една платформа и програма за лојалност, Триглав комплет. Групацијата го прошири не само опсегот на своите партнери, со кои ги дели заедничките деловни принципи и цели за постигнување високо задоволство на клиентите, туку и опсегот на асистентски и поврзани услуги.
Клучни податоци за работењето на Групацијата Триглав ЕУР милиони
2022[1] | 2021 | 2020 | 2022/2021 индекс | |
Вкупен приход | 1,599.3 | 1,455.1 | 1,318.4 | 110 |
Бруто полисирана премија | 1,479.6 | 1,353.0 | 1,233.8 | 109 |
Нето приход од премија[2] | 1,189.9 | 1,119.8 | 1,066.8 | 106 |
Бруто исплатени штети | 832.2 | 736.6 | 697.4 | 113 |
Нето издатоци за штети | 746.7 | 715.0 | 683.6 | 104 |
Бруто оперативни трошоци | 374.9 | 333.4 | 306.7 | 112 |
Профит пред оданочување | 134.5 | 132.6 | 90.9 | 101 |
Нето профит | 110.2 | 113.0 | 73.7 | 98 |
Осигурително технички резервации[3] | 3,100.0 | 3,198.7 | 3,033.2 | 97 |
Капитал3 | 752.8 | 933.0 | 870.2 | 81 |
Комбиниран количник | 88.1% | 88.9% | 91.2% | |
Поврат на капитал | 13.1% | 12.5% | 8.9% | |
Сметководствена вредност по акција (ЕУР) | 32.96 | 40.93 | 38.16 | 81 |
Нето добивка по акција (ЕУР) | 4.85 | 4.97 | 3.24 | 98 |
Број на вработени3 | 5,306 | 5,264 | 5,316 | 101 |
Заваровалница Триглав
Заваровалница Триглав е водечка словенечка осигурителна компанија и матично друштво на Групацијата Триглав. Се состои од мрежа од 12 регионални единици, повеќе од 50 претставништва и со преку 650 осигурителни агенти низ цела Словенија. Бо својата понуда компанијата ги вклучува сите видови животни и имотни осигурувања, како што се осигурување на имот и имотни интереси, автомобилски, земјоделски, транспортни осигурувања, осигурувања на побарувања, како и осигурувања за патувања. Заокружената понуда на животни осигурувања ги вклучува сите облици на осигурувања на живот, рентни, пензиски, здравствени осигурувања и осигурувања во случај на незгода.
Групација Триглав
Групација Триглав повеќе од 120 години ја ужива довербата на своите клиенти, кои веруваат дека Триглав најдобро ќе ја обезбеди нивната финансиска сигурност и иднина. Клучните столбови на работењето се осигурителната дејност и управувањето со имот. Најголемата осигурителна и финансиска групација во регионот Адрија, како и една од водечките во Југоисточна Европа, работи во шест држави, на седум пазари и вработува повеќе од 5.000 луѓе. Групацијата Триглав ги задржува цврстата финансиска стабилност, високата адекватност на капиталот и профитабилноста во работењето, што ги потврдуваат и високите бонитетни оценки »A«, добиени од две признати агенции за кредитен рејтинг. Главните вредности на компанијата се едноставноста, агилноста и доверливоста, а мисијата е градење на безбедна иднина. Со својата визија се стреми кон динамичен развој на нови начини на работа, кои што претставуваат темел на одговорен, долгорочен развој, а истовремено работи профитабилно и безбедно.
[1] Неревидирани податоци
[2] Бруто полисирано осигурување, премии за коосигурување и реосигурување
[3] На 31 декември