Офицерот на должност на голем товарен брод кој се заринкал на градина на приватен имот во близина на брегот во норвешкиот град Бинсет, речиси удирајќи во куќа, признал во полицијата дека заспал во моментот на инцидентот, кога бил сам на должност.
Офицерот, украински државјанин на возраст од триесет години, е обвинет за невнимателна навигација, а полицијата истражува и дали на бродот биле почитувани правилата во врска со работното време и периодите за одмор.
Бродот долг 135 метри ја промашил куќата за неколку метри кога се заринкал во четврток наутро во Бинесет, во близина на Трондхајм, во централна Норвешка, а напорите да се врати во водата досега се неуспешни, јавува Би-Би-Си.
Товарниот брод со кипарско знаме, NCL Salten, превезувал 16 лица и пловел југозападно низ фјордот Трондхајм кон Оркангер кога скршнал од курсот и го предизвикал инцидентот.
Логистичката компанија NCL, која го изнајмила бродот, изјавила дека станува збор за сериозен инцидент и дека учествувала во враќањето на бродот на море, како и во полициската истрага.
Во инцидентот нема повредени.
Би-Би-Си објави дека сопственик на имот во Норвешка се разбудил и открил дека огромен контејнерски брод се закотвил и речиси се урнал во неговата градина.
Хелберг бил предупреден за вревата од неговиот испаничен сосед кој го набљудувал бродот додека се упатувал право кон брегот.
„Ѕвончето на вратата заѕвони во време од денот кога не сакам да го отворам. Отидов до прозорецот и бев доста запрепастен кога видов голем брод. Морав да го истегнам вратот за да го видам неговиот врв. Беше толку надреално“, рече Хелберг во изјава за повеќе медиуми, според Би-Би-Си.