
Кијану Ривс ќе се врати во улогата на Џон Вик – иако овој пат само како глас – во анимиран филм што ги прикажува настаните што му претходат на првиот дел од серијалот од 2014 година.
Според „LADbible“, студиото „Lionsgate“ го потврди враќањето на Ривс во проектот, кој првично беше најавен во април 2024 година на „CinemaCon“ во Лас Вегас.
Проектот го најави Адам Фогелсон, претседател на „Lionsgate Motion Picture Group“, а режисер е Шенон Тиндл, креаторот на анимираниот филм „Ultraman: Rising“.
Дејството го следи Џон Вик додека ја извршува легендарната „невозможна задача“ – елиминирање на сите негови ривали во текот на една ноќ. Со оваа задача, тој се ослободи од обврските кон „Високата маса“ (High Table) и се стекна со право на мирен живот со својата сопруга, Хелен. Иако за оваа задача се спомнуваше во претходните филмови, публиката досега немала можност да види како таа се одвива.
„Можностите се неограничени – како во анимацијата, така и во светот на Џон Вик. Не постои приказна за Џон Вик што фановите повеќе би сакале да ја видат од ’невозможната задача‘“, изјави Фогелсон за време на најавата.
Чад Стахелски, кој ги режираше сите четири главни филмови од серијалот „Џон Вик“, е продуцент на овој анимиран проект. Тој истакнува дека јапонската анимација претставува едно од неговите најголеми креативни влијанија.
„Таа имаше огромно влијание врз мене, особено врз серијалот ’Џон Вик‘. Можноста да се развие аниме за Џон Вик се чини како совршен следен чекор за овој свет“, рече Стахелски.
Датумот на премиерата на филмот сè уште не е објавен. Ривс првпат го толкуваше ликот на Џон Вик во 2014 година, а потоа ја повтори улогата во трите продолженија. Последен пат се појави во таа улога во филмот од 2025 година, „Од светот на Џон Вик: Балерина“ („From the World of John Wick: Ballerina“), во кој главната улога ја толкува Ана де Армас.