
Рутинските летови можат да бидат долги и монотони, па затоа некои пилоти одлучуваат да го искористат своето дополнително време на необичен начин, со цртање пораки на небото кои остануваат снимени на радари и апликации за следење на летови.
Инструктор по летање од компанијата „Рејвер“ привлече внимание кога ја напиша пораката “I’m bored” („Досадно ми е“) за време на пробен лет.
Неговиот потег беше снимен од платформата Flightradar24, која ги следи движењата на авионите низ целиот свет.
Пилотот полетал од Ливерпул со „Пајпер Томахавк“, а потоа маневрирал околу 20 минути над устието на реката Ди, помеѓу Англија и Велс, за да ги формира буквите. Летот бил извршен на надморска височина од приближно 335 метри и со брзина од нешто помалку од 100 јазли.
Иако рутата не била одобрена однапред, реакцијата на компанијата била доста блага. Менаџерот за операции Вејн Барет рекол дека пилотот нема да биде казнет и ја пофалил неговата прецизност и вештина.
- Веројатно му било малку здодевно бидејќи станува збор за пробен лет, но она што го направил барало многу контрола и концентрација – рече Барет.
Тој додаде дека летот всушност бил за проверка на заменет дел од авионот, па пилотот сигурно немал многу простор за здодевност додека ја цртал пораката.
Ваквите случаи не се нови. Неколку години претходно, пилот во Австралија направил сличен потег за време на тест на авион во училиштето за обука за летање во Аделаида. За време на неколкучасовен лет, тој ја напишал истата порака, додека ја проверувал работата на новиот мотор на авионот „Дајмонд Стар“.
Пред тоа, според извештаите, тој направил разни форми по должината на брегот, од кои некои привлекле дополнително внимание на јавноста. Директорот на училиштето во тоа време нагласил дека таквото однесување не е нешто што тие го поддржуваат, но со насмевка додал дека понекогаш може да стане монотоно за младите инструктори.
Низ целиот свет, авионите ги користеле своите патеки за цртање срца, празнични мотиви, пораки, па дури и разни форми и потписи. Сличен тренд постои и кај велосипедистите и тркачите кои користат апликации за следење за да создадат интересни цртежи на мапи.
Така, технологијата за следење од едноставна алатка се претвори во еден вид дигитално платно, место каде што се спојуваат прецизноста, креативноста и малку забава при пилотирање.