
Викторија Бекам вчера за прв пат јавно му се обрати на својот син Бруклин, посакувајќи му среќен роденден, и покрај семејната расправија за која со недели зборуваат светските медиуми.
Иако поранешната Спајс девојка не коментираше за острите зборови и обвинувања што беа објавени во јавноста, овој посебен датум беше повод да се подаде рака. Тоа беше роденден на нејзиниот најстар син, па таа му се обрати преку Инстаграм, објавувајќи спомени од минатото и вклучувајќи го и својот сопруг Дејвид во честитката.
„Среќен роденден, Бруклин, те сакаме толку многу“, напиша Викторија Бекам во првата објава, заедно со носталгична фотографија од себе и Дејвид со Бруклин од нивните помлади денови.
Викторија наскоро сподели уште една фотографија од својата младост, на која го држи својот насмеан син во раце, со емотивна, лична порака: „Среќен 27-ми роденден Бруклин, те сакам толку многу“.
Овој јавен гест на љубов доаѓа во време на длабок раскол во семејството. Да потсетиме, Бруклин Бекам неодамна ја шокираше јавноста со отворено и емотивно обраќање на Инстаграм, во кое за прв пат без двоумење проговори за наводниот раскол што трае со години.

Во објава од шест страници, младиот готвач и претприемач рече дека не сака помирување со своето семејство и дека конечно решил, како што вели, „да се бори за себе за прв пат во животот“.
„Не сакам помирување со моето семејство. Не сум под ничија контрола. За прв пат во животот, стојам зад себе“, напиша тој тогаш.
Во својата исповед, Бруклин нагласи дека со години молчел за да ја заштити својата приватност, но дека, според него, неговите родители и нивниот ПР тим продолжиле да пласираат „лаги“ во медиумите, поради што решил да ја презентира својата страна од приказната. Тој додаде дека пораснал во средина каде што „перформативните објави на социјалните мрежи, лажните врски и семејните настани пред камерите“ биле составен дел од секојдневниот живот.

„Моето семејство помина години градејќи слика за совршена заедница, но зад таа фасада стојат манипулации и лаги“, рече Бруклин.
Во центарот на конфликтот беа тој и неговата сопруга, актерката Никола Пелц. Поради нарушената врска, двојката отсуствуваше од сите важни семејни настани во последните месеци, вклучувајќи ја и прославата на 50-тиот роденден на Дејвид, како и веста за неговото витештво.