
Сите знаат дека цитрусното овошје е преполно со витамин Ц, но сепак често се потпираме на додатоци во исхраната за да го внесеме овој витамин.
Тоа не мора да биде така; лесно можете да внесете доволно витамин Ц само преку храната. Уште подобро, не мора да ја преполнувате исхраната со портокали и грејпфрути, бидејќи постојат многу други видови овошје богати со витамин Ц во кои можете да уживате.
Двајца нутриционисти открија кои плодови ги сметаат за најдобри извори на витамин Ц, а споделија и совети како да ги вклучите во исхраната на поразлични начини – иако, се разбира, нема ништо лошо ниту во тоа едноставно да ги јадете како ужина!
Колку витамин Ц ви е потребен?
Мариса Карп, регистриран нутриционист и основач на „MPM Nutrition“, за веб-страницата на Марта Стјуарт изјави дека повеќето жени треба да внесуваат најмалку 75 мг дневно, додека за мажите препораката е 90 мг дневно. Слејтон објаснува дека оваа цел обично може да се постигне со консумирање на само една намирница богата со витамин Ц во текот на денот.
Еве некои од нашите омилени начини како да ја добиете вашата дневна доза.
Киви

Зошто го сакаме: Според Карп, едно киви содржи над 60 мг витамин Ц – што е околу 71 отсто од препорачаниот дневен внес за возрасни жени и 53 отсто за возрасни мажи. Кивито е исто така одлично за здравјето на дигестивниот систем: „Тоа е една од првите намирници што им ја препорачувам на клиентите кои имаат проблем со запек“, вели Слејтон. Како да го јадете: Двете експертки со кои разговаравме го јадат кивито со кората и напоменуваат дека две кивија се „магичниот број“ за една порција. Карп сака да го исечка кивито и да го додаде во утринскиот јогурт или да го комбинира со грст јаткасти плодови за брза ужина богата со хранливи материи.
Пиперки

Зошто ги сакаме: Да, пиперките всушност спаѓаат во овошјето – и можат да содржат повеќе витамин Ц отколку портокалот. Според Слејтон, портокаловите пиперки содржат најмногу витамин Ц од сите сорти, со количина од дури 237 мг во една шолја. Карпова додава дека жолтите пиперки се веднаш зад нив со 180 мг – количина што надминува 150 до 200 проценти од препорачаниот дневен внес за возрасни. Црвените и зелените сорти, исто така, нудат значителен нутритивен придонес.
Како да ги консумирате: Ако целта ви е да го максимизирате внесот на витамин Ц, Слејтон препорачува да ги јадете сирови, бидејќи термичката обработка ја намалува содржината на витамин Ц. Таа често има подготвено исечкани пиперки кои ги потопува во мешавина од пасирано авокадо, сок од лимета и крупни кристали морска сол. Карпова, пак, сака да ги пропржи исечканите пиперки со кромид, како брз зеленчуков прилог за вечера со тако.
Јагоди

Зошто ги сакаме: Една шолја јагоди содржи околу 90 мг витамин Ц, што го надминува препорачаниот дневен внес за жени и достигнува речиси 95 проценти од препорачаниот внес за мажи, вели Карпова.
Како да ги консумирате: Карпова сака да ги комбинира јагодите со неколку парченца чоколадо и лажица јогурт, како здрава (но сепак слатка) ужина. Слејтон подготвува смути со замрзнати јагоди, колагенски пептиди и путер од бадеми, или пак, за ужина, прелива свежи јагоди со одлежан балсамико оцет.
Папаја

Зошто ја сакаме: Една шолја папаја исечкана на коцки содржи нешто повеќе од 90 мг витамин Ц, со што се задоволува препорачаниот дневен внес за повеќето возрасни, вели Карпова. Слејтон додава дека, кога станува збор за тропско овошје богато со витамин Ц, папајата е пред мангото (кое содржи 70 мг витамин Ц).
Како да ја консумирате: Карпова прави освежителна салата со парчиња папаја, краставица и авокадо, зачинета со малку сок од лимета и прстофат толчена лута пиперка. Слејтон ја јаде слично како мангото – посипана со зачинот „Тахин“ (Tajín) и прелиена со малку сок од лимета.
Гуава

Зошто ја сакаме: Една гуава содржи импресивни 130 мг витамин Ц – што е значително повеќе од препорачаниот дневен внес и за мажи и за жени, истакнува Карпова. Како да се консумира: На Куба, вообичаено е гуавата да се служи со сирење како предјадење или ужина, вели Карпова. „Уште откако ја посетив Куба, ја обожавам оваа комбинација како задоволувачко и вкусно уживање“, вели таа. Слејтон ужива во гуавата во смутија или како желе.
Лимон

Зошто го сакаме: Веројатно веќе сте запознаени со него – но тој е класик со добра причина. Еден цел лимон содржи 30 мг витамин Ц, вели Слејтон.
Како да се консумира: Слејтон сака да додаде сок од половина лимон во топла вода за да добие смирувачки пијалак – можете дури и однапред да исцедите неколку лимони и течноста да ја чувате во тегла во фрижидер. Таа исто така подготвува едноставен домашен прелив за салата, комбинирајќи сок од лимон со маслиново масло, сол и бибер.
Домат

Зошто го сакаме: Според Слејтон, еден домат со средна големина содржи околу 20 мг витамин Ц. Таа препорачува да се јадат сирови за да се извлече максимумот од нивните хранливи придобивки.
Како да се консумира: Испробаната и сигурна комбинација од домат и сирење – особено моцарела, рикота или свежо сирење како алтернатива богата со протеини — ова е еден од омилените избори на Слејтон. Не заборавајте да го посипете со крупна морска сол и многу црн пипер.
Ананас

Зошто го сакаме: Како заокружување на тропските овошја на оваа листа, ананасот содржи околу 78 мг витамин Ц во една шолја, вели Слејтон — што е приближно препорачаниот дневен внес за повеќето возрасни лица.
Како да го консумирате: Ако ви се допаѓа свеж ананас, почекајте само да го пробате топол. Слејтон обожава ананас печен на скара — или дури и ананас загреан во тава на шпорет — послужен врз грчки јогурт.