
Луѓето кои го завршиле целиот свој неделен тренинг во еден ден изгубиле речиси исто толку масти колку и оние кои ја распоредиле истата количина на вежбање во текот на три дена, се вели во студијата на Универзитетот во Хонгконг.
Истражувањето е објавено во списанието Nature Communications, а го предводел професорот Парко Сиу од Школата за јавно здравје при Универзитетот во Хонгконг.
Во студијата учествувале 315 возрасни лица со прекумерна тежина и вишок масти во пределот на стомакот. Тие биле по случаен избор поделени во три групи, од кои секоја броела 105 лица.
Првата група изведувала 75 минути интервален тренинг со висок интензитет (HIIT) – во форма на брзо одење – еднаш неделно. Втората група ја извршила истата вкупна количина на вежбање, но распоредена во текот на три дена.
Третата група не вежбала; наместо тоа, тие присуствувале на предавања поврзани со здравјето на секои две недели. Како што пренесува Popular Science, тренингот се состоел од три блока по 25 минути, при што се менувале четири минути интензивна активност со три минути полесна активност.
Помалку масти и помал обем на половината
По 16 недели, двете групи што вежбале изгубиле повеќе масти од контролната група, а исто така забележале и намалување на обемот на половината. Групата што тренирала еднаш неделно изгубила околу 0,8 килограми повеќе масти од контролната група, додека групата што тренирала три пати неделно изгубила околу еден килограм повеќе. Кај ниту еден од учесниците не се појавиле здравствени проблеми поврзани со студијата.
Сиу истакнува дека недостатокот на време е главната пречка што ги спречува многу луѓе да вежбаат повеќе денови во неделата. „Интервалниот тренинг еднаш неделно може да се смета за изводлива и ефикасна алтернатива“, вели Сиу.
Сепак, постои една „цака“.
Кит Дијаз, физиолог за вежбање од Универзитетот Колумбија, кој не бил вклучен во студијата, изјави за Popular Science дека намалувањето на мастите било „релативно скромно“. Тој смета дека насловите кои сугерираат оти човек може да ги стопи мастите од стомакот со само еден тренинг неделно се – погрешни.
Исто така, постои разлика и во однос на физичката подготвеност. Групата што тренираше трипати неделно забележа подобрување од околу 11 проценти, додека групата што тренираше еднаш неделно забележа подобрување од околу 6 проценти. Понатаму, еден таков тренинг – кој вклучува загревање, разладување и паузи од 15 до 30 минути помеѓу блоковите со вежби – трае речиси три часа.
Поради ова, Дијаз им советува на лицата со дијабетес или висок крвен притисок да бидат активни секој ден. Вежбањето помага во намалување на нивото на шеќер во крвта и крвниот притисок во период од 12 до 24 часа по тренингот. Лицата со срцеви заболувања треба да се консултираат со лекар пред да се обидат со ваков тип на тренинг.
„Оваа студија дополнително потврдува дека какво било вежбање – дури и ако е само за време на викендот – е подобро отколку воопшто да не се вежба“, заклучи Дијаз.