
Сликата „Расцветани гранки од костен“ на Винсент ван Гог беше продадена на аукција во Њујорк во средата за рекордни 190,4 милиони долари, соопштија од аукциската куќа „Сотбис“.
Продажбата уследи по решавањето на спорот помеѓу продавачот и наследниците на еден поранешен еврејски сопственик, чие семејство ја продало сликата за време на нацистичката ера, пренесува „Гардијан“ .
Делото, насловено „Châtaigniers en fleurs“ насликано во 1890 година во Овер-сир-Оаз, Франција, постави нов аукциски рекорд за холандскиот постимпресионист и стана најскапото уметничко дело продадено на аукција оваа сезона.
Според „Њујорк тајмс“, сликата ја купил трговецот со уметнички дела Вилијам Аквавела, раководител на галеријата „Аквавела“.
Претходниот аукциски рекорд за дело на Ван Гог изнесуваше 117,2 милиони долари – цена платена во ноември 2022 година на аукција во „Кристис“ во Њујорк за сликата „Овоштарник со чемпреси“ од 1888 година.
Сепак, „Њујорк тајмс“ објави дека уште една слика на Ван Гог од 1888 година, „Ле Зуав“, била продадена пред помалку од една година во приватна трансакција посредувана од „Кристис“ за приближно 190 милиони долари.
Сликата била купена во Париз во 1909 година од влијателниот германски издавач Самуел Фишер, а неговото семејство ја продало во 1936 година. Неговите наследници претходно се спротивставија на аукцијата, наведувајќи дека семејството било принудено да се раздели од сликата поради финансиски загуби претрпени под нацистичката власт.
Нивниот адвокат од Берлин, Гунар Шнабел, побара од „Сотбис“ да докаже дека сликата била продадена по пазарна вредност во 1936 година и дека семејството би ја продало без оглед на политичките околности во тоа време.
Според аукциската куќа, семејството Блакие-Ариета ја купило сликата во 1975 година и ја поседувало повеќе од половина век. „Сотбис“ објави дека е постигнат договор помеѓу семејството Блакие-Ариета и сите законски наследници на Хедвиг и Самјуел Фишер во врска со продажбата на сликата од Ван Гог.
По продажбата, Шнабел изјави за „Њујорк тајмс“: „Семејството се надева дека големиот јавен интерес за овој случај, како и неговото брзо и правично разрешување, би можеле да ги охрабрат другите семејства кои биле изложени на прогон за време на нацистичката ера“.