
Една германска и една австриска продукциска куќа работат на документарен филм за спречениот терористички заговор, кој доведе до откажување на три концерти на Тејлор Свифт во Виена во август 2024 година. Премиерата е закажана за октомври 2027 година.
Според „Варајети“ (Variety), филмот – кој засега го носи работниот наслов „Тејлор Свифт Виена“ – го режираат Андреас Пихлер (познат по документарните филмови „Tesla Files“ и „The Milk System“) и Вероника Касерер (режисерка на „Лов на мафијата – ’Ndrangheta in Germany“).
Филмот е во продукција на германската компанија „Beetz Brothers“ и австриската фирма „Markand Media“. Премиерата ќе биде на германскиот јавен сервис ZDF, а потоа е планирана и меѓународна дистрибуција.
Синопсисот го опишува филмот како спој на две крајно различни младински субкултури: отворениот, инклузивен свет на Свифтис – како што себеси се нарекуваат обожавателите на пејачката – и светот на токсичната машкост, поттикната од онлајн радикализација и очајна потреба за потврда.
Три приказни во еден филм
Георг Чурченталер, креативен директор во „Бец брадерс“, изјави за „Variety“ дека филмот ја истражува приказната од повеќе перспективи. Првата е трка со времето – сценарио налик на трилер, во кое разузнавачките служби, вклучувајќи ги ЦИА, британската МИ5, како и австриските и германските безбедносни служби, работеле на спречување на нападот.
Втората наративна нишка ја следи заедницата на обожаватели во Виена.
„Следиме три млади жени за кои веста за откажувањето на концертите, природно, претставуваше огромен шок“, вели Чурченталер.
Овие млади жени организираа психолошка поддршка за другите обожаватели, воспоставија контакт со австриската полиција, па дури и се сретнаа со тогашниот канцелар Карл Нехамер, како и со претставници на безбедносните служби. Третиот дел од филмот се фокусира на главниот сторител – 19-годишен австриски државјанин со потекло од Северна Македонија, идентификуван само како Беран А.
Според продуцентот, тој се радикализирал преку „ТикТок“. Тој припаѓа на нова генерација млади терористи кои пораснале на социјалните мрежи – за разлика од оние кои биле обучувани во камповите на Ал Каеда. Продуцентот додаде дека менаџерскиот тим на Тејлор Свифт е свесен дека се снима филм.
Осуден на 15 години
Концертите беа закажани за периодот од 8 до 10 август 2024 година, на стадионот „Ernst Happel“, а се очекуваше присуство на над 200.000 луѓе од целиот свет. Двајца тинејџери планирале напад со употреба на експлозиви и друго оружје, со намера да убијат што е можно повеќе луѓе.
Тејлор Свифт се огласи дури две недели подоцна, кога на Инстаграм објави порака по повод завршувањето на европскиот дел од нејзината турнеја.
„Бев толку благодарна на властите – благодарение на нив, тагувавме по концертите, а не по изгубени животи“, напиша таа тогаш.
Како што пренесе France 24, австриски суд во мај годинава го осуди Беран А. на 15 години затвор, откако тој призна дека го планирал нападот.