
Хајди Клум и оваа година изненади со својот костим за Ноќта на вештерките. На својата 25-та традиционална забава во Њујорк, таа се појави како џиновска, крвава, отсечена рака, со црвени нокти и прстени.
Трансформацијата ја прикажа во кратко видео на Инстаграм, со описот „Зборувај ѝ на раката“ (Talk to the hand). На почетокот од видеото, Клум „чекори“ по подот со своите прсти со црвени нокти, а потоа се појавува огромна рака која оди потпрена на два прста. Тие прсти всушност се нејзините нозе. На раката има темноцрвени нокти, златни прстени со голем зелен камен, како и крвава рана на зглобот.
Како што пишува „USA Today“, забавата се одржа во саботата, на 31 октомври, во клубот „Катедрала“ (Cathédrale) на Менхетен. Костимот се изработувал со месеци, а на самиот ден, десет до 15 луѓе ѝ помагале на Клум да го облече.
Нејзиниот сопруг Том Каулиц оваа година не присуствуваше на забавата бидејќи е на турнеја со групата Tokio Hotel. Клум се пошегува и на таа тема.
„Можеше да ми биде ’десна рака‘“, изјави таа.
Хајди Клум, која со години во медиумите ја нарекуваат „кралица на Ноќта на вештерките“, своите костими ги планира со месеци однапред. Минатата година таа се преобрази во Медуза, додека Каулиц беше војник претворен во камен. Една година претходно, двајцата беа вонземјанинот Е.Т.
Во 2023 година, таа беше пауница, придружувана од изведувачи од Cirque du Soleil. Во 2022 година се појави како огромна дождовна глиста – костим што, како што изјави тогаш, го осмислувала цели две години. Во 2019 година беше вонземјанин, а една година претходно се маскираше во принцезата Фиона од „Шрек“, додека Каулиц беше Шрек.
Во 2016 година, на забавата донесе пет жени кои беа облечени како неа, а во 2015 година беше Џесика Рабит. Меѓу нејзините претходни костими се и оние на пеперутка, Клеопатра, врана, мачка и хиндуистичката божица Кали.