Британскиот принц Вилијам (28)денеска ќе го каже судбоносното “да“. Тој својата идна сопруга Кејт Мидлтон (29), трпеливо ќе ја чека 45 минути, а во Вестминстерската опатија, заедно со својот брат Хари, кој му е и кум, ќе пристигне точно во 10.15 часот. Кејт нема да се појави таму се до 11 часот, кога е закажана и церемонијата на венчавање.
“Тоа беше негов избор. Сакаше да дојде порано за да може да се поздрави со своите пријатели. Многу е возбуден“, објавуваат британските медиуми, изјава на лице блиско до кралското семејство.
За венчавката, во име на британското кралско семејство, испратени се 1.900 покани, испишани со златни букви и со печат на кралицата Елизабета. На нив пишува дека се поканети на венчавката од Лордот Чемберлејн, по наредба на кралицата.
Меѓу поканетите е и британскиот премиер, Дејвид Камерун, вицепремиерот Ник Клег, министерот за финансии Џорџ Осборн, лидерот на лабуристите Ед Милибанд и претставници на други кралски семејства, влади, парламенти, Комонвелтот и воените сили. Не се поканети Барак и Мишел Обама, и претседателот на Германија и неговата сопруга, Кристијан и Бетина Вулф.
Повикани се Викторија и Дејвид Бекам, Елтон Џон, големиот пријател на покојната мајка на Вилијам, принцезата Дијана, и неговиот партнер Дејвид Фурниш, потоа комичарот Роуан Аткинсон, поранешниот сопруг на Мадона, Гај Ричи и Сер Пол Макартни.
На свадбата ќе биде послужано канапе, ладна риба, јагнешко, јоркширски пудинг, јајца од еребица… Менито ќе биде напишано на француски јазик.
Извор: Нетпрес