Тимот за прашања околу националната безбедност на американскиот претседател Барак Обама во следните неколку недели треба да донесе одлука со која ќе се одреди намалување на бројот на американски сили во Авганистан. Се очекува одлучувачки фактор за донесување на конечната одлука да не биде бројот на убиени екстремисти, ниту површината на територии освоени од талибанците , туку главниот збор ќе го има цената, пишува “Независна газета“, пренесува НетПрес.
Во текот на оваа фискална година Вашингтон треба да потроши 113 милијарди долари за спроведување на операцијата во Авганистан. Уште 110 милијарди долари ќе бидат потребни за финансирање на активностите на Пентагон. Поголем број од цивилните советници сметаат дека станува збор за превисока цена. И онака дефицитот во буџетот на САД е доволно висок и потребно е намалување на средствата за внатрешни програми. Се зголемуваат сомнежите за тоа дали е потребна толку голема мисија за “државната изградба“ на Авганистан. Убиството на лидерот на Осама Бин Ладен во почетокот на месец мај уште повеќе ги засили овие тези.
Се очекува советниците на Обама да не го наведат својот став против финансирање на војната, туку ќе се повикаат на факти со кои ќе бидат поткрепени нивните ставови. Најверојатно ќе ја споменат одлуката за зголемување на бројот на војници на САД во 2009 година што овозможи реализацијата на сите предвидени цели, наместо на директен начин да се наметне цената како проблем.
По неколку недели воениот кабинет на претседателот ќе даде оценка на варијантите за намалување на военото присуство на САД во Авганистан, кои ќе бидат претставени од генералот Дејвид Петреус.
Средствата за војната дефинитивно ќе имаат пресудно значење за донесување на конечна одлука околу повлекување на војниците, отколку за расправата на стратегијата на Обама во 2009 година. Зајакнување на финансискиот притисок во врска со зголемување на буџетскиот дефицит на САД и убиството на Бин Ладен може да биде во корист на вицепретседателот Џо Бајден и на други цивилни советници, кои биле против зголемување на бројот на американски војници во 2009 година.
Воените и цивилни советници се согласуваат дека цената на мисијата едноставно е превисока. Пентагон за еден американски војник во Авганистан троши околу еден милион долари годишно, што е значително поскапо од Ирак. Испораката на гориво и друга стока во земјата, која нема излез на море, е многу посложена бидејќи базите се градат од почеток.
Во меѓувреме САД се обидуваат да создадат национална армија, каква што во Авганистан никогаш не постоела. За таа цел веќе биле потрошени 28 милијарди долари, а Пентагон има потреба од уште 12,8 милијарди долари за следната фискална година.
Извор: Нетпрес