Најсовремената техника на радарско скенирање им овозможила на експертите да отркијат под површината на земјата цел комплекс на светилишта и објекти, кои биле користени за извршување на застрашувачки обреди.
Своите откритија, научниците ги претставија вчера на Британскиот фестивал на науката во Бирмингем и во таа прилика објаснија како напредната радарска техника е развиена специјално за проектот на изградба на дигитална мапа, на длабочина од 3 метри под земја.
Меѓу откриените структури е и дрвена градба долга 30 метри, која била оддалечена околу четири километри од Стоунхенџ. Експертите мислат дека на ова место се извршувани сложени ритуали, вклучувајќи и отстранување на месо и екстремитети од телата на покојници.
Тие претпоставуваат дека објектот го користеле седум генерации на едно исто семејство, пред да исчезне под земја и да падне во заборав. „Тука е Стоунхенџ, голема структура која служела за обредни цели во кои се собирале луѓе од различни краеви од земјата. Но, околу него луѓето правеле сопствени храмови и светилишта“, објасни водичот на проектот професор Винсент Гафни.