Контакт со домашни миленици во првата година од животот значително ги намалува алергииите кои може да се појават понатаму, покажува најновата студија на болницата Хенри Форд во Детроит.
Истражувачите велат дека родителите често се загрижени околу веројатноста нивните деца да развијат алергии доколку во раното детство се во контакт со домашните миленици, но потенцираат дека најновите истражувања го покажуваат токму спротивното.
Најновото истражување покажало дека ризикот од развивање на алергија на домашни миленици подоцна во животот се намалува за 50 % доколку новороденчињата живеат со мачки или кучиња во нивниот дом. Причината истражувачите ја посочуваат во фактот дека телото развива значајна доза на антитела која се бори против алергените од домашните миленици, процес кој се нарекува алергиска сензибилизација.
„Ова истражување нуди дополнителни докази дека искуствата од првата година од животот се поврзани со здравствената состојба на луѓето понатаму“, вели д-р. Ганеса Вегенка, која работи во одделот за биостатистика и епидемиологија во болницата Хенри Форд.
Во истражувањето учествувале 566 момчиња и девојчиња на возраст до 18 години. Тие биле тестирани за алергиски реакции на домашни миленици и истражувањето покажало дека изложеноста на домашни миленици во првата година од животот е најзначаен фактор за намалување на ризикот за алергиска реакција. Истражувачите им препорачуваат на родителите дека чувањето домашни миленици воопшто не е штетно, туку напротив, може да допринесе за алергиска сензибилизација на нивното дете.