Млада девојка од Молдавија: ШЕСТ ГОДИНИ ВО ПЕКОЛОТ
Го познавав само она лице на Западот, кое ни го прикажуваат во своите шарени реклами, создаден како производ од “фабриката на соништата”. И тогаш, пред повеќе од половина деценија кога станав дел од непрекинатиот терор, кога ме продаваа како месо, го запознав вистинскиот лик, скриен зад маската, го видов демонското лице.
Јас сум дете на рокенролот, наивна источноевропска варијанта, од генерациите родени во последната воздишка на комунизмот. Девојка од предградието на Кишињев, од сиромашна средина. Во период на распадот на големите идеали на една идеологија, што само го продлабочуваа падот и забрзување на ширењето на темнината. Западот за мене беше една разнолика земја, земја во која нема беда и сиромаштија. Земја на чесност и надеж. Го знаев само она што ни го прикажуваа на телевизија.
Бев прва година на студии по книжевност и англиски јазик, кога дечкото на една од моите другарки, “бизнисмен”, ни понуди да ни помогне да ја поминеме вратата на Западот. Искрено не знам како се имаа запознаено. Не изгледаше лесно, но неговата приказна сепак беше премногу привлечна. Многу реално ни ја опишуваше ситуацијата, објаснувајќи ни дека мора да има период на страдања, снаоѓање, борба, за подоцна, оние кои ќе издржат, ќе можат да живеат перфектно.
Тој беше елоквентен и убедлив, полн со самодоверба. Имаше многу пари и често “патуваше”, односно исчезнуваше некаде на месец или два. Нас не ни се брзаше. Како да знаеше, како да можеше да не “прочита“, можеби интуитивно…добар психолог беше во секој случај.
Тргнавме доброволна една ноќ во март 1997 година, на пат кон ветената земја. Ние четири. Стигнавме на договореното место. Тој беше таму, како и неколку други луѓе кои никогаш порано ги немавме видено со него. Тогаш ни го зеде документите, наводно за да заврши некои формалности околу фалсификување на визи, а потоа не качија во некакво бело комбе. Внатре веќе имаше седум или осум девојки. Тогаш се уште не сфативме: затворањето на вратата од комбето зад нас, ни ја отвори вратата на пеколот. Пеколот беше пред нас, а ние бевме дел од него.
Вратата на пеколот
По неколку часа возење во текот на ноќта, збиени како сардини, пристигнавме на пристаниште. Подоцна сфативме дека тоа е Одеса. Денот го поминавме на палубата, а ни дадоа за јадење некакви конзервирани сардини, неколку кришки леб и млака застоена вода. Во предвечеријето не одбраа нас три од групата и не однесоа во кабината на горната палуба. Во полузамрачениот простор, кога очите ми се прилагодија од промените на светлината, го препознав дечкото на мојата другарка. Ладен, туѓ, суров, како никогаш порано да не сме се виделе, ми се приближи и ми ја искина облеката. По првичниот шок, се обидов да се одбранам, да вриштам, да избегам. Но, не вредеше. “Првата егзекуција”, така го нарекуваа. Го направи тоа свирепо и понижувачки како да сакаше да ја скрши сета човечност во мене, како да го бришеше цело мое достоинството и желбата за отпор.
Следната сцена на која се сеќавам: Јас лежам на подот, скршена, како да се будам од тежок сон. Ми се чини дека е ноќ, дека бродот плови, единствено што слушам се бранови. Слушам некакво пригушено плачење…или тоа беше моето плачење. Повторно потонувам во темнината која не можам да ја наречам сон. Се будам. Еден човек е врз мене. Има уште тројца кои стојат на страна. Се чини дека целиот екипаж е овде. Веќе не го чувствував моето тело, не чувствував болка дури ни одвратност. Немав чувство дека сум јас, како мојата душа да го имаше напуштено моето тело.
Не знам колку долго лежев така. Не знам кога и каде стигнавме, кој ме префрли до тајната соба на еден камион. Групата како да беше поделена, само ние четири бевме таму. Молчиме. Не плачеме, не дишеме, нема зборови. Живи трупови, кои само пред неколку дена беа млади студентки во главниот град на Молдавија.
Силувана на крст
Слушам гласови на два јазика. Едниот од нив ми е малку познат, сличен на руски, но сигурно е бугарски, другиот ми е сосема непознат. Сепак, другиот ќе го слушам речиси постојано во текот на следните три години и засекогаш ќе научам да го разликувам од сите други јазици од овој свет: албанскиот јазик.
Следниот град во кој ќе видам барем мал дел од небото беше Гњилане, Косово. Таму ќе дознаам дека сум дел од “редовната пошта” нарачани од мафијата која тргува со луѓе од цела Европа. Млади жени, деца за педофилите, машки за задоволување на педери. Пред мене за прв пат се покажа реалното, грдото лице на Запад, скриено зад маската на идеално, совршено општество, лице без чувства. Грдо лице на сенилен и алчен варварин.
Во овој вид на ропство, постојано сте под дејство на дрога, со цел да го изгубите чувството за реално време. Затоа, не знам колку време сум поминала во бордели и тајни бордели низ Косово. Сите оние миризливи луѓе, сите оние тела, сите хорор на сексуална тортура, лишена од човековите права се претвори во ѕверски период –дел од бескрајниот пеколот. Албанците често не продаваа на претставници на мисијиите на ОН и ЕУ, кои се очигледно на платниот список на наши мачители и макроа. Не се сомневам дека тие потоа испратија извештаи за намалување на трговијата со бело робје.
На секои три месеци ме префрлаа од еден во друг град, на тој начин ги “мешеа картите.” Се сеќавам на некои имиња: Призрен, Дреница, Урошевац … не се осмелувам дури ни да се потсетам на сите сцени од најбруталната тортура, од кои некои ќе беа чисто сатански. На пример, во Дреница, ме врзаа за крст смислен како Распетието Христово, бев силувана од страна на десетина во континуитет. Мислев дека умрам.
Потоа ме продадоа во Црна Гора. Таму се направи селекција на оние кои ќе бидат продавани на “подобри муштерии“. Во текот на тие недели се сеќавам дека подобро не хранеа, можев повеќе да спијам. Но, моите безживотни очи, кога ги видов во едно мало огледало само зборуваа дека веќе тоа не сум јас. Многу пати ме носеа доцна во ноќта на забави “на отворено”, како што ги нарекуваа забавите во луксузни вили, за кои не сум точно сигурна во кои градови се наоѓаат. Некаде во Бар и Улцин, не ме држете за збор, бев однесена на еден италијански “донатор”. Неговите лекари ме испитуваат, ме тестираат за ХИВ и не знам на уште што не. Два месеца бев негов роб, а потоа една ноќ ме качија на брод и ме транспортираа во Италија.
Прослава на демоните
Конечно стигнав на Запад, “долго сонуваната земја” во мојата трагикомична младост. Тука не беше крајот, туку почеток на нова фаза на страдање. Нарачувана по телефон исто како храна која се доставува на домашна адреса. Богати, сенилни, перверзни, луди, импотентни, издрогирани….и не помалку брутални од оние претходните, од другата страна на морето. Макрото ќе ме однесеше до адресата, а потоа доаѓаше по мене откако ќе поминеа часовите или деновите за кои ме имаше продадено. После два обиди за бегство, во период од десет месеци, ми беа скршени по два прста од двете раце.
Немаше ништо човечно, ниту до каде може да оди овој пекол, демони со пари насекаде низ моите соништа се појавуваа, на премногу брутален начин се соочив со монструозното лице на западноевропските земји. Се додека сум жива ќе се прашам: дали мојата судбина е метафорична судбина на сите источно, пост-комунистички земји? И дали луѓето од Исток навреме ќе ја согледаат ситуацијата и ќе ги преземат потребните мерки, пред да биде премногу доцна? Мене ми останува само да напишам сé што доживеав, иако не сум писател и не успеав да ги завршам студиите по книжевност. Децата не можам да имам, веројатно ниту сопруг, засекогаш ми е згадено од животот.
Како успеав да ја доживеам “слободата”? Еден дел од синџирот на трговија со жени од Молдавија беше откриен во 2003 година од страна на претставници на невладина организација, во оваа прилика ќе ја именувам како “Раката на правдата”, позади која мислам дека стои голема источноевропска и балканска служба за известување. Од Италија најпрво ме префрлија во еден приватен центар во Србија. Таму после шест години, со некого можев нормално да разговарам. Потоа се вратив во Кишињев, “дома ќе одите”, ми рекоа. Не им кажав дека немам куќа, немам место каде можам да се засолнам, немам живот. Нема никаква смисла да ги повредам единствените луѓето кои во последните шест години направија нешто убаво и нормално за мене. Не би ме ни разбрале. Тоа може да го разбере само некој кој го преживеал тоа, кој поминал низ тоа. Затоа, посакувам никогаш да не разберете.