Уставниот амандман кој им забранува на бездомниците да живеат на јавни површини стапува на сила од утре во Унгарија, и по тој повод беше организиран протест во Будимпешта.
Активистите кои се залагаат за правата на бездомниците велат дека овој амандман нема да го реши проблемот со бездомниците кои спијат на улиците, објави АП.
Директорот на Фондацијата “Засолниште”, Золтан Акна, рече дека се потребни повеќе ресурси за да се спречи луѓето да стануваат бездомници и да се вдомат оние кои веќе се.
Според неофицијални податоци, во Будимпешта живеат околу 30.000 бездомници. Според податоците на унгарската влада, на располагање има околу 9.900 слободни места за сместување и околу 19.000 вкупно. Владата неодамна одвои околу 30 милиони евра за помош на бездомниците. Пред унгарскиот парламент во главниот град, вечерва, повеќе од сто граѓани протестираа против амандманот.