Исламски свештеник од Саудиска Арабија, шеикот Абдула Ахмед ал Мутлак изјави дека на сопругите им е дозволено да одбијат сексуални односи со своите сопрузи кои не ги почитуваат мерките на претпазливост среде пандемијата на коронавирус.
„Вие воопшто не сте грешници … само се заштитувате себеси“, одговори шеикот на прашањето кое му беше поставено на верското ТВ шоу под името „Фетва“, кое се емитува на националната телевизија.
Една жена објасни дека дури и за време на пандемијата на коронавирусот, нејзиниот сопруг не останува дома и не ги почитува пропишаните ограничувања и додаде дека се плаши дека ќе се зарази со коронавирус доколку ја задоволи неговата желба за сексуален однос.
„Остани подалеку од него. Ако сопругот е несовесен, жената има право да го одбие сексуалниот однос“, одговори тој.
Во Саудиска Арабија досега официјално се регистрирани 2463 случаи на заразени и 34 смртни случаи.