Доколку исландскиот парламент ја прифати законската иницијатива околу пушењето за која се расправа, жителите на таа земја би можеле во иднина да добиваат цигари единствено во аптеките и тоа на рецепт.
Законскиот предлог што го разгледува исландскиот парламент предвидува пушењето да се прогласи за зависност, а тоа значи дека кон пушачите ќе треба да се однесуваат како кон болни луѓе кои редовно треба да посетуваат лекар, а цигарите ќе ги добиваат во аптека.
Во согласност со предлогот, лекарите би требало да ги поттикнуваат пациентите да престанат со пушење и да ги праќаат на сеанси за одвикнување,а доколку тоа не помогне ќе им препишуваат цигари.
Доколку би биле прогласени за пациенти, пушачите не би ги добивале цигарите бесплатно, туку би ја плаќале нивната пазарна цена, а во кога би патувале во странство по цигари на Исланд тоа не би било исплатливо бидејќи е островска земја и нема соседи во непосредна близина.
Туристите кои го посетуваат Исланд веќе се соочуваат со ригорозни царински прегледи, кои посебно се однесуваат на цигари и алкохол. Поранешната исландска министерка за здравство Сив Фриедлеифсдотир, која ја предводи иницијативата заедно со застапниците на сите пет исландски парламентарни партии, смета дека општеството не е доволно свесно за ризикот од пушење и дека треба конечно да се “разбудат“.
Борбата против пушење на Исланд трае со години, а откако во 1991 година пушеле 30 отсто од населението, денес има само околу 15 отсто пушачи. За тоа придонеле и повеќекратните зголемувања на даноците на тутун како и економската криза која погоди поголем дел од исландските жители.
Една кутија на цигари на Исланд може да се купи за околу пет евра.
Извор: Нетпресс