Поранешниот крал на Шпанија Хуан Карлос Први го известил неговиот син, кралот Фелипе VI, дека ќе ја напушти земјата и ќе живее во друга земја, откако во изминатите недели се појавија обвиненија за корупција против него.
„Поттикнат од желбата да го направам она што е најдобро за да му служам на народот на Шпанија, нејзините институции и вас, како Крал, ве известувам за мојата одлука да ја напуштам Шпанија во овој момент“, се вели во писмото на Хуан Карлос до неговиот син, а е објавено од кралското семејство на својата веб-страница.
Кралот Фелипе Шести му се заблагодари на својот татко за одлуката и посочи на „историското значење“ што владеењето на Хуан Карлос го претставува за демократија во Шпанија по фашистичката диктатура на Франциско Франко, пренесува Ројтерс.
Поранешниот шпански крал не кажа во која земја ќе се пресели, забележува АП.
Шпанскиот Врховен суд отвори истрага во јуни за вмешаност на Хуан Кралос во постигнување договор за брза железничка пруга во Саудиска Арабија, откако швајцарскиот весник објави дека поранешниот шпански крал добил 100 милиони долари од починатиот саудиски крал Абдула.
Тогаш, Карлос, наводно, префрлил голем дел од тие пари на поранешен пријател, а иследниците сметаат дека е можно да се работи за обид да се сокријат парите од надлежните органи.
Хуан Карлос (82) се смета за заслужен за помош на Шпанија мирно да ја врати демократијата во земјата, по смртта на диктаторот Франциско Франко во 1975 година.
Сепак, опкружен со скандали во последните години од неговото владеење, Хуан Карлос абдицираше во корист на својот син во 2014 година, со што го загуби имунитетот што му го гарантираше шефот на државата според шпанскиот устав.