Биоинженерот доктор Горан Кунгуловски, од генетската лабораторија на една приватна клиника во Скопје, објаснува зошто резултатите од тестовите за коронавирус од две различни лаборатории, можат да бидат комплетно спротивни, еден тест да биде позитивен, а друг негативен.
Кога се прави тест за новиот коронавирус SARS-CoV-2, резултатот покрај негативен, може да биде позитивен или „позитивен.”
Што тоа значи? Се зависи од вирусниот титар (концентрацијата на вирус во примерокот). Методот на RT-PCR е високо сензитивен и тоа претставува еден од најсилните и воедно најслабите атрибути на оваа технологија. Методата теоретски може да детектира неколку вирусни честици во самата реакција (ултрасензитивност) и да даде резултат којшто е позитивен, ама неговата концентрација е најверојатно недоволна за да зарази друго лице [секако треба и големи контролирани студии за да се потврди ова].
Бидејќи за зараза потребна е одредена инфективна доза на вирус (којашто најверојатно се мери во илјадници активни вирусни честички, а не десетици), не сите пациенти со “позитивен” наод за коронавирус се инфективни [иако треба повеќе контролирани студии за да го подржат ова].
Поради оваа ултрасензитивност, некогаш има нескладност на резултатите меѓу лаборатории. Замислете ова, да речеме дека вирусот е зрнце ориз и прагот на детекција на методата е едно зрнце. Имате сад со 1 L вода во којшто фрлате 10 зрнца ориз; oд тој сад, со мала чашка земате примерок на вода (аналогно на земање на брис) – два од десет пати во чашката ќе има зрнце ориз и тие два пати ќе детектирате позитивен резултат, а осум пати негативен. И од тука доаѓа нескладноста на резултатати кај некои пациенти, кога се работи за примероци со ултранизок титар на вирус.
Доколку во садот со вода има милијарда зрнца ориз, многу е веројатно дека со секое земање на вода од садот вие ќе опфатите и стотици/илјадници зрнца ориз (што значи дека во сите лаборатории резултатот секогаш ќе биде позитивен). Затоа секогаш има складност помеѓу лаборатории кога се работи за примероци со висок титар.
Титарот е највисок 1-2 дена пред појава и 1-3 дена после појава на симптоми, затоа е најдобро тогаш пациентот да се тестира. Исто така, според мене треба на секој резултат да се пишува приближната концентрација на детектиран вирус.