Либискиот лидер Моамер Гадафи се закани дека војната од Либија ќе ја пренесе во Европа како освета за воената операција која што НАТО ја води против него.
Во говор, емитуван на либиската државна телевизија, Гадафи се закани дека ќе испрати стотици Либијци да изведат самоубиствени напади во Европа.
“Ќе испратам стотици Либијци самоубијци. Ви кажав, око за око, заб за заб. Но, ќе им дадеме прилика да се вразумат“, рекол Гадафи во својата говорна порака.
Бунтовниците кои напредувале на два фронта во изминатите две недели вчера претрпеле загуби. Најмалку шест бунтовници загинале, а 17 биле ранети на военото поле близу Мисрата.
Десетици илјади приврзаници на Гадафи и племенски лидери вчера се собрале на Зелениот плоштад во Триполи, во знак на поддршка на либискиот лидер, кој по 40 години владеење и петмесечна војна одбива да си замине од власт.
Во една од новите мерки на меѓународниот финансиски притисок врз Гадафи, Турција замрзна милијарди долари резерви од централната банка на Либија, кои се депонирани во нејзини банки, јавија вчера турските медиуми.
Извор: Нетпресс