Малиот воз кој татне низ прекрасното унгарско село е авантура на која вреди да се потроши време, но не само поради прекрасните пејзажи и шумите низ кои минува. Навидум обичната железница Gyermekvasút (Детска железница) се разликува од другите по тоа што билетите ќе ви ги наплаќаат – деца. Унгарија во далечната 1947 година замислила железница во која децата ќе работат и на тој начин ќе стекнат одговорност и работни навики. Ваквиот проект за обука на младите е дизајниран така што тие да стекнат самодоверба и нови вештини и да се гордеат со сопствените достигнувања.
Кога првпат беше пуштена во употреба, унгарската железница имаше три патнички линии и таа стана речиси инстант хит. Со текот на времето, Gyermekvasút прерасна од форма на транспорт во туристичка атракција, а вагоните и линиите беа обновени.
Најдолгата во светот
Во моментов, Ѓермеквасут со своите 11,7 километри е најдолгата детска железница во светот, која е запишана во Гинисовата книга на рекорди. Железницата е во постојана услуга откако првите 3,2 километри пруга беа отворени на 31 јули 1948 година. Додека возовите ги возат возрасни, сите комерцијални услуги се одговорност на деца од 10 до 14 години, под надзор на возрасни и во согласност со прописите на Државните железници на Унгарија.
Хит во декември
Детската железница е најпопуларна на почетокот на декември, кога нуди тематски возења за Св. Николас, односно – Szent Mikulas. Во оваа прилика децата се маскираат во помошници на Свети Никола и ги анимираат патниците со песна и оро. Свети Никола во тоа време го посетува секој вагон за да му даде на секое дете вреќа со слатки. Детската железница е една од омилените патувања во Унгарија и се протега низ ридовите од Сеченихеги до Хувосволѓи, опкружена со погледи, места за одмор во природа, како и за образование.
Изложба и сувенири
На платформата на станицата Hűvösvölgy, секој што сака може да ја посети интерактивната изложба и да дознае повеќе за историјата на железницата со тесен колосек од почетокот до денес. На посетителите им се достапни и детскиот железнички музеј и продавницата за сувенири.