
Јапонски град размислува да воведе ограничување од два часа дневно за користење на паметни телефони на своите жители поради загриженост за ефектите од прекумерната изложеност на технологија, објавија медиумите.
Според Kyodo News, нацрт-уредбата подготвена од градот Тојоаке во префектурата Аичи би можела да биде првата локална уредба во Јапонија со која ќе се воведат ограничувања за употребата на паметни телефони и други електронски уреди.
Доколку локалното собрание ја одобри уредбата, таа би стапила во сила на 1 октомври.
„Сакаме уредбата да биде можност луѓето да размислат за начинот на кој ги користат паметните телефони“, рече официјален претставник.
Нема казна за оние кои ја прекршуваат уредбата.
Нацрт-уредбата, исто така, препорачува учениците од основно училиште да престанат да ги користат своите телефони до 21 часот, а учениците од средно училиште да ги тргнат до 22 часот.
Иако признава дека паметните телефони, компјутерите и таблетите се неопходни алатки, нацрт-уредбата предупредува дека прекумерната употреба на социјалните медиуми и видео содржини може да му наштети на здравјето и семејниот живот.