Модата постојано се менува. Во последните сто години таа доживеа безброј метаморфози. Како модата се менуваше, така се раѓаа и модните икони кои ги одбележуваа декадите. Погледнете кој остана запишан во историјата на модата.
„Модата постојано се менува, но стилот останува“- ова се познатите зборови на Коко Шанел. Иако трендовите често се револуционерни, вистината е дека безвремени остануваат само оние кои се автентични и неконвенционални, оние кои го менуваат начинот на размислување.
Ние направивме пресек на најистакнатите личности кои оставија свој белег во модната историја.
Дваесеттите години од минатиот век беа обележани со бројни историски случувања. Модата ја прикажуваше идеалната жена како способна и еднаква со мажот, но со изглед на „Femme Fatale“. Клучни карактеристики беа Боб фризура, долги бисерни ѓердани, клот капи, украси за коса со пердуви, здолништа до колена… Секако овој стил на женственост го диктираше познатата Коко Шанел која постојано му пркосеше на времето со своите револуционерни идеи.
Триесеттите години ги одбележа Марлен Дитрих. Тоа е златното време, време на совршеното тело кое го карактеризираат совршени силуети во тесни фустани со длабок засек на рамениците, подуени ракави, коса со локни до рамена и сончан тен.
Главните карактеристики на четириесеттите години се остра, речиси аскетска силуета со тесни колкови и широки раменици, шеширите и познатите турбани. Модна икона на ова време беше Одри Хепберн, која со својата ситна фигура тешко се вклопи во Холивудскиот стил што ја натера да креира сопствен. По снимањето на филмот „Појадок кај Тифани“ се смета за одговорна за воведувањето на малите црни фустани во секојдневниот живот. Едноставен фустан, нападен накит и пунџа станаа синоним за елеганција и софистицираност. Од друга страна препознатлив беше и лежерниот изглед во капри панталони, машка кошула и балетанки, кој на некој начин потсетува на деведесеттите.
Во педесеттите години од минатиот век на сцена стапува „New Look“ на Кристијан Диор. Поради трендовските коктел забави и бројните социјални настани, сите мораа да носат свечена облека. Кристијан Диор и неговиот „New Look“ имаше подеднакво влијание во модата како и конзервативната елеганцијата на Коко Шанел. Парчињата облека кои го одбележаа овој тренд се ламбада здолништа, коњско опавче, високи потпетици и балетанки кои ги прослави незаменливата Мерлин Монро.
Шеесеттите го одбележа егзибиционизмот. Облеката и понатаму има за цел да го истакне женското тело. Тесни мини здолништа, фустани без прерамки, кломпи, чевли со ниски потпетици, рамни чизми. Модна икона на 70-тите е дефинитивно Twiggy.
Седумдесеттите ја донесоа диско револуцијата. Бајкерската мода ги донесе кратките пантолончиња, здолништа со изглед на туба, ра – ра здолништа, фустаните со една прерамка и минијатурните чанти. Во овие години по својот стил на облекување се истакнува некогашната сопруга на Мик Џегер, Бјанка Џегер.
Осумдесеттите години ја донесоа на сцена МТВ генерацијата. Маици со една прерамка, штитници за раце, избледени фармерки – стил во кој најмногу се вклопи дивата Мадона. Таа на сцена ја врати чипкастата облека, хеланките, шилестите градници, натапираната коса, перјата, типичните елементи за модата во осумдесеттите. Феноменот наречен Мадона, ги натера девојките ширум светот да го прифатат нејзиниот стил на облекување.
На вратата зачукаа деведесеттите. Мадона стана права кралица на метаморфозата. Нејзиниот стил постојано се менуваше. Минималистички парчиња, кратки фустанчиња, излитени фармерки, мартинките, беа карактеристичните модни парчиња на тоа време.
Новиот милениум на сцената ја донесе Кејт Мос една од најуспешните манекенки на сите времиња. Таа разви свој стил со помош на модниот гигант Topshop, од сезона во сезона претставуваа нови поинтересни парчиња облека. Декадата на еклектицизмот во модата донесе шаренило во стиловите. Јаките бои во комбинација со елеганцијата, создадоа нови супкултури во облекувањето низ целиот свет. Демократизацијата на модата лансираше безбројни трендови на облекување, крзнените парчиња облека се заменија со еколошки модни детали. Еклектичките стилови најдобро ги искористи Гвен Стефани, која со својот оригинален експериментален моден вкус покажа смелост и стилска автентичност.
Слободата на облекување во наредните години стана предизвик за сите јавни личности. Во 2010-та година Лејди Гага спои многу стилови на облекување во една фузија која ја направи ултра популарна. Автентичните детали од нејзините парчиња отвори нова ера во модата. Бизарно, неприлагодено, високо естетизирано, авангардно е стилот на новата декада.