
Како да ја изберете најслатката лубеница?
Лубеницата е омилен летен десерт, под услов да купите слатка. Често се случува кога купуваме лубеница, да не знаеме дали е доволно зрела и слатка. Иако најсигурен начин е да ја вкусиме, тоа не е секогаш можно на пазарот или во продавницата. За среќа, постојат едноставни визуелни и физички индикатори кои можат да ви помогнат да изберете слатка лубеница.
Еве на што треба да внимавате:
- Бојата на дамката на кората – местото каде што лубеницата лежела на земја. Ако дамката е бела или светло жолта, лубеницата веројатно сè уште не е зрела. Од друга страна, темно жолтата дамка е сигурен знак дека плодот зреел доволно долго и е подготвен за јадење.
- Обликот на лубеницата – побарајте симетрична, без вдлабнатини, испакнатини и деформации, бидејќи таквите неправилности може да укажуваат дека плодот не созреал рамномерно поради лошо наводнување или недоволно сончево зрачење. Неправилните лубеници често се посуви или помалку слатки.
- Тежината е уште еден важен фактор – кога држите две лубеници со слична големина во рака, изберете ја потешката, бидејќи тоа значи дека содржи повеќе вода и веројатно е посочна и позрела.
- Тест со тропање – докажан трик. Почукајте ја кората од лубеницата со прстите. Ако звукот е јасен, ѕвонлив и резонантен, лубеницата е зрела. Ако звукот е тап и без ѕвонење, плодот веројатно не е доволно зрел.