
Свежиот спанаќ ќе остане свеж најдолго време ако темелно го измиете и исушите пред да го складирате, а потоа го чувате во ќеса во која има малку воздух.
Спанаќот се користи во салати, омлети и јадења со тестенини, или како прилог – кратко пропржен на маслиново масло со лук. Богат е со витамин Ц, магнезиум, железо и витамин Б6. Готвачот Пол Пшибилски за списанието Southern Living објасни како да го одржите спанаќот свеж откако ќе го купите.
Првиот чекор е миењето, бидејќи Пшибилски нагласува дека е клучно спанаќот да биде чист. По миењето, тој ги суши листовите. Откако листовите ќе бидат целосно суви, ги става во обична пластична ќеса што може повторно да се затвори.
Иако од ќесите со други видови храна често се истиснува воздухот, кај спанаќот тој треба да се остави внатре. Според Пшибилски, воздухот им помага на листовите да останат свежи и ги штити од гмечење. Потоа, ќесата треба да се стави во фиоката за зеленчук во фрижидерот.
Спанаќот што се продава во ќеси со ознака „претходно измиен“ не треба повторно да се мие. Спанаќот што се продава на мерење (непакуван) најдобро е да се мие во голем сад со ладна вода, каде што листовите имаат доволно простор. Промешајте го спанаќот за да се отстранат евентуалните остатоци од земја или песок, исцедете ја водата и повторете ја постапката. Сушењето е исто толку важно, бидејќи водата што ќе остане на листовите ќе го забрза нивното расипување.
Завиткајте го спанаќот во хартиени крпи или чиста кујнска крпа и нежно притиснете за да се впие влагата. Доколку е потребно, повторете ја постапката со суви хартиени крпи, а потоа ставете го спанаќот во ќеса и чувајте го во фиоката за зеленчук.
Правилно складиран, свежиот спанаќ може да трае околу една недела, напоменува Пшибилски. Оштетените или овенатите листови се знак дека спанаќот почнува да се расипува.
„Кога спанаќот ќе почне да се расипува, неговата боја се менува од светлозелена во потемна, побледа нијанса“, вели тој.