Поспектакуларно од Таџ Махал? Протегајќи се на сто метри на небото, овој сјаен нов архитектонски дизајн може да засени сè друго што некогаш било изградено во Индија.
Градбата во стил на вселенска станица наречена Атмосфера треба да биде конструирана во Калкута, ако сè оди по планот на архитектите и ако излезат како победници на натреварот во кој конкуренцијата е страшно добра.
Инспирацијата за оваа градба е земена од традиционалниот Хинду живот и треба да содржи 80 сместувачки единици кои се дизајнирани за повеќегенерациски семејства. Големите тераси над главната фасада нудат доволно простор за секој дом, а специјални панели кои врз себе имаат светлечки мобилни рефлектирачки дискови се распрскани насекаде по мрежата на градбата. Има и внатрешна зелена бавча.
Овој футуристички дизајн е дел од натпреварот на Светскиот фестивал за архитектура кој ќе се одржи во Барселона подоцна оваа година. Останатите дизајни се исто така многу инвентивни и специфични. На една од сликите е претставен проектот наречен „Чоколадна машна“ кој навечер свети и изгледа сосема поинаков отколку преку ден. Во зградата има бројни продавници, канцеларии и апартмани. На врвот има и ресторан кој се врти за 360 степени и на гостите им нуди панорамски поглед на целата околина. Овој проект се планира да биде во Турција.
Трет проект кој сам по себе е уникат е т.н. Школка. Оваа 18-катна кула во вид на школка треба да се изгради во Тајван. Дизајнерите велат дека оваа зграда асоцира на нежност и елеганција, но истовремено и на сила и каркатер.
Сите овие неверојатни визии за иднината, за брзо време можат да станат дел и од реалноста. Моментално натпеварот трае веќе четири години и досега брои 704 натпеварувачи од 59 земји ширум светот. Еве што изјави директорот на програмата за медиумите: „Ни требаат иновативни приоди кон архитектурата и секако инспиративни архитекти и дизајнери кои мислат на алтернативен начин кога се работи за градење. Охрабрувачки е што пријавените проекти во теков на последнава година се најдобри и сите со нетрпение чекаме да видиме кој ќе биде победникот во оваа тешка и историска битка.“