“Викиликс“: САД ја финансирале опозицијата во Сирија

18 април, 20110
syria
Американскиот Стејт Департмент тајно ги финансирал политичките опозициски групи во Сирија, како и проекти, вклучително и сателитска телевизија која емитувала антивладина програма во земјата.
Ова денеска го објави американскиот весник “Вашингтон Пост“, повикувајќи се на дипломатски документи на “Викиликс“, пренесува Нетпрес.
Сателитската телевизија “Барада ТВ“, чие седиште се наоѓа во Лондон почна да работи во 2009 година, но својата дејност ја засили за време на масовните протести во Сирија и почна кампања за уривање од власт на автократскиот сириски лидер Башар ал-Асад. Телевизијата е тесно поврзана со Движењето за правичност и развој, чие седиште е исто така во Лондон, а е оформено од Сиријци кои живеат во прогон.
Дипломатските документи објавени од “Викиликс“, покажуваат дека САД му дале 6 милиони американски долари на ова движење, и тоа од 2006 година досега, а со цел да го управува сателитскиот канал, како и да финансира други антивладини дејности во Сирија.
Парите потекнувале уште од времето на Џорџ Буш, кој ги замрзна политичките односи со Дамаск во 2005 година, но финансиската помош продолжила и за време на Барак Обама, иако настојувањата на неговата администрација била да се обноват односите со Сирија. Белата куќа испрати свој амбасадор во Дамаск, за прв пат во изминативе шест години.
Не е јасно дали Стејт Департментот сеуште ја финансира сириската опозиција, но според документите на “Викиликс“, пари биле давани до септември 2010 година.
По молба на Стејт Департментот, весникот “Вашингтон Пост“ не објавил имиња и детали за програмите финансирани во Сирија, за да не ја доведе во опасност безбедноста на тие луѓе. Документите на “Викиликс“ покажуваат дека американските дипломати во Дамаск почнале да стравуваат за откривање на целата работа во 2009 година, кога дознале дека сириски разузнавачи се распрашуваат интензивно за спорните програми на САД. Некои од дипломатите препорачале Стејт Департментот да го преиспита учеството во вакви програми, бидејќи тоа би ги направило ризични обидите на администрацијата на Обама за возобновување на односите со Дамаск.

Извор: Нетпрес

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *