108 години од смртта на Гоце Делчев

4 мај, 20110
gocedelchev_originalniotgrob_malo

По повод 108-годишнината од трагичното загинување на македонскиот револуционер Гоце Делчев, денес ќе биде одржана панихада во црквата “Свети Спас“, на гробот на Делчев. Делегација на Град Скопје, предводена од градоначалникот Коце Трајановски ќе положи свежо цвеќе пред гробот на револуционерот во црквата.

Цвеќиња ќе бидат положени и пред споменикот на Гоце Делчев на плоштадот “Македонија“, како и пред неговиот споменик во Градскиот парк во Скопје.
Гоце Делчев е роден на 23 јануари (4 февруари, нов стил), 1872 година во Кукуш, Егејска Македонија, како прво машко дете, трето по ред на бројната фамилија Делчеви која имала вкупно девет деца.
Во 1879 – 1880 година, Гоце Делчев започнува да го посетува прогимназијалното училиште во Кукуш. Гоце потоа го завршил средното образование во Солунската бугарска машка гимназија “Св. Кирил и Методиј”. Се запишал во Воената академија во Софија во 1891година. Подоцна, како питомец во военото училиште во Софија тајно ги посетувал социјалистичките кружоци и ја ширел социјалистичката литература, за што е исклучен од училиштето. Делчев станал учител во Штип во 1894 година каде што се запознава со Даме Груев, еден од основачите на ТМОРО. Како резултат на блиското пријателство меѓу двајцата, Делчев и се придружил на Организацијата во 1895 набрзо станувајќи нејзин водач. Во летото 1896 година, во Солун се одржува конгрес на македонските и одрински револуционерни сили. На конгресот присуствува и Гоце Делчев кој заедно со Ѓорче Петров се ополномошни да изработат Устав и Правилник, а изработениот устав носи наслов “Устав на Тајната Македоно-Одринска Револуционерна Организација”. На почетокот на јануари 1898 година се установува четничкиот институт, а Гоце Делчев е назначен за началник на сите чети во Македонија. За време на честите обиколки низ Македонија работи на создавање организациона мрежа со здрави и цврсти бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Цел е автономија или целосно ослободување на Македонија и Одринско од османлиското ропство и создавање на независна македонска држава.
На редовното советување во декември 1902 година, Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански и други водачи на ТМОРО решаваат да не се дигне фронтално востание во Македонија, туку да се води партизанска војна.
Во јануари 1903 година, Гоце Делчев се изјаснува отворено како прв против кревање на востание во Македонија таа година, познато потоа како “Илинденското востание“, како преран и неподготвен чекор. По негова иницијатива во Софија било организирано советување на група македонски револуционери меѓу кои биле: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Пере Тошев, Михаил Герџиков и други македонски револуционери од централистичкиот лагер на ВМОРО. Се разгледувал предлогот за подигање на востанието, кое пред се било заговарано од врховистичкиот лагер на ВМОРО, а најмногу од представниците на Организацијата во Костурско. Собирот се искажал против решението за подигање на востание. На 19 јануари 1903 година, Гоце Делчев со чета тргнува за Македонија; со него е и Јаворов. Истиот ден пристигаат во Самоков. На 19 март Гоце Делчев со својата чета го минира мостот на река Ангиста; во воздух бил дигнат и тунелот на железничката пруга. На 19-20 април истата година Гоце Делчев пристигнува во Солун, а сместен е во просториите на Солунската бугарска машка гимназија. Тој има неколку среќавања со Даме Груев и со него го разгледува прашањето за подигање на востанието. Гоце го напушта Солун и излегува низ вардарската капија и со воз се префрла во правец на Серез. Вечерта на 2. мај Гоце Делчев пристигал во село Баница, на мала оддалеченост од Серез. За престојот на Гоце Делчев во Баница известена е турската управа од страна на непознати.
Во зорите на 4. мај 1903 година Гоце Делчев и неговата придружба се известени од јатаците дека се опсадени од турската војска (аскер). Гоце наредува да излезат од куќата каде биле сместени и да се повлечат за да го спасат селото од зулум. Во текот на денот, на 4 мај 1903 година во борбите при излегување од село Баница, Гоце Делчев бил погоден во левата града, паднал врз пушката, се обидел да се крене и паднал мртов. Гоцевата саможртва за делото на ослободувањето на народот во Македонија и Одринско и создавање на независна македонска држава му го донесе ореолот на признание и почит.
Неговите посмртни останки прво се пренесени во Бугарија, за на 11 октомври 1946 година да бидат пренесени во Скопје, во црквата “Свети Спас“.

Извор: Нетпрес

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

escort - Korsan taksi