Ал Каеда ја објави последната порака на Бин Ладен
19 мај, 20110

Терористичката организација Ал Каеда постхумно објави аудио снимка на Осама Бин Ладен во која нивниот поранешен водач ја поздравува “револуцијата во арапскиот свет“ и повикува на “соборување и на другите тирани“.
Бин Ладен рекол дека исламистите не се претерано присутни во таканаречената “арапска пролет“ и дека промените во арапскиот свет ги поттикнале обични граѓани кои се лути заради автократскиот режим, корупцијата и лошата економска ситуација.
Но, Бин Ладен, кој беше убиен на 2. Мај во Пакистан од страна на американски специјалци, ги поддржал промените кои започнале во Тунис и се прошириле скоро низ цела северна Африка и Блискиот Исток. Тој ги повикал муслиманите подобро да ја искористат “ретката историска прилика за востание“.
“Арапскиот свет секогаш го очекува победа. Тоа почна да се докажува на истокот, а одеднаш револуцијата дојде на запад. Смртта дојде по владетелите, а стравот влезе меѓу Евреите кои сватија дека дошол нивниот час. Падот на тираните значи и крај на понижувањето, срамот и стравот. Дојде време на слобода, слава и храброст. Ветровите на слободата задуваа и бараат ослободување“, се слуша на снимката.
Ал Каеда објавила дека нивниот поранешен лидер ја снимил пораката една недела пред неговата смрт. 12-минутната снимка е објавена на исламистичката Интернет страница “Ас Сахаб“, блиска на Ал Каеда.
Извор: Нетпрес