Анализа: Ќе потклекнат ли балканските банки на грчката криза?

28 јуни, 20110
31_52_6---Bank_web
Банкарскиот систем на Балканот би требало да има капацитет да се спротивстави на постепеното повлекување на кредитни линии од грчките банки во нивните филијали, но можна несолвентност на Грција може да предизвика соседните влади да побараат дополнителна помош, пишува во својата анализа новинската агенција “Ројтерс”, пренесува Нетпрес.
На грчките банки им припаѓаат 28 отсто од средствата во бугарскиот банкарски систем и околу една шестина во Романија и Србија, земји во кои има најсилно присуство меѓу земјите од Источна Европа.  Стравувањата за влијанието на грчките потреси врз банкарскиот сектор оваа недела доведе до пад на романската валута на најниско нејзино ниво, а каматите на романските кредити забележаа најголем пораст за последните три месеци.
Аналитичарите велат дека владите и централните банки имаат ресурси да го покријат дефицитот, ако грчките матични банки почнат да даваат ограничување на кредитните линии за своите филијали на Балканот.
“Во случајот со Романија и Бугарија, клучен момент е докапитализацијата која е потребна, со што нема да ги изложат државните финансии на системски ризик“, коментира аналитичарот на Ар-Би-Ес, Тим Еш.
“Тие имаат ресурси да се справат ако овие банки паднат во тешкотии и веројатно ќе добијат поддршка од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Европската комисија и Европската централна банка (ЕЦБ) “, додава тој.
Најголемите грчки банки во регионот се “Националната банка на Грција“ (НБГ), “И-Еф-Џи Јуробанк“, “Пиреос банк“,“Алфа банка“ и “Емпорики банк“, потсетува Ројтерс .
Според некои аналитичари филијалите на грчките банки најверојатно веќе испраќаат средства назад кон компаниите мајки, но засега банкарскиот сектор има реална можност да ги издржи притисоците од презадолжената Грција.  Во Романија коефициентот на платежната способност на филијалите е 15,7 отсто за март што е над минималните барања. Во Бугарија овој показател како целина за секторот надминува 17 отсто, а во Србија е над 22 отсто. Банката за меѓународни плаќања има минимално барање за коефициент на адекватност на капиталот од осум отсто.
“Линиите на финансирање во романските филијали од нивните банки мајки беа околу 4,2 милијарди евра или 35 отсто од нивните обврски“, изјави претходно овој месец заменик-гувернерот на Централната банка на Романија, Кристијан Попот.
Тоа е помалку од вкупно пет милијарди евра, кои се ставени на располагање на Романија според договор со ММФ, чија употреба во моментов не се планира. Србија преговара за нов договор, а Бугарија има поддршка од ЕУ и затегнат финансиски режим. Попот посочува дека овие филијали исто така имаат доволно државни обврзници, за да обезбедат рефинансирање од централната банка или на меѓубанкарскиот пазар и со тоа да го компензираат секој одлив на капитал на краток рок. Иако банките мајки би можеле да ги повлечат средствата од бугарските, романските и српските единици, преку операции на финансискиот пазар, строгата национална регулатива во банкарскиот сектор би го отежнала повлекувањето на значителни суми.
Мал број аналитичари очекуваат банкрот на Грција во краток рок, но долгорочно според многумина шансите за спас се мали.
Бугарија, Романија и Србија – се’ мали економии, и би биле погодени, бидејќи најверојатно ќе треба спасување или национализација на грчките банки мајки и нивните локални филијали, а тоа би можело да создаде притисок врз државниот долг и рејтинг, како и на фискалните дефицити. Грчките банки би можеле исто така да распродаваат дел од имотот, за да ја зајакнат финансиската моќ, дури и да нема банкрот. “Рајфајзен банк Интернејшнал“, веќе купи мнозински удел во полската “Полбанк“ за 490 милиони евра од “И-Еф-Џи Јуробанк Ергасиас“.
“Веруваме дека Грција ќе се справи некако на краток рок, но секогаш ќе постои опасност од банкрот”, вели Елизабета Андреев, аналитичар во “Нордеа“.
“Во случај на банкрот ЕУ и ММФ најверојатно ќе ни помогнат да ги покриеме евентуалните штети и на крај тие (ќерки филијали) најверојатно ќе бидат купени од други банки“, додава Андреев.
Но, патот може да е долг, несигурноста да расте, а фобијата од ризик може да се интензивира уште повеќе.
Извор: Нетпресс

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *