Според информациите кои ги имаме, Гадафи би можел да избега во две европски земји – Србија или Хрватска! Познато е дека овие две држави имаат добри односи со него и дека нивните политичари се уште комуницираат со Гадафи, изјавила Фатима Махмуд, член на либискиот Националниот совет.
Од Министерството за надворешни работи на Србија, на прашање дали е вистина дека Гадафи побарал азил во Србија, новинарите не успеале да добијат одговор.
Покрај Србија и Хрватска, според Махмуд, Гадафи би можел да побара азил и во Чад и Алжир, но исто така тука е и Венецуела, кај неговиот пријател, Хуго Чавез.
Махмуд изјавила дека Гадафи имал многу платеници од Балканот, особено од Србија и Хрватска.
Изјавата на Махмуд била потврдена од страна на американскиот магазин Time, кој објавил изјава на српски генерал кој наводно бил воен советник на Гадафи до 21 август, годинава.
Таму е хаос. Четири недели не сум разговарал со Гадафи, бидејќи не сакаше да ме слуша. Му реков дека не може да се бори против НАТО. Ма тој е тврдоглав будала, рекол наводно пензионираниот генерал.
Time исто така направил интервју и со хрватски платеник, извесен Марио, кој ја напушти армијата на Гадафи пред десетина дена. И Марио потврдил дека Гадафи ангажирал ветерани од војните во Југославија за да му помогнат во одбраната на Триполи, и дека тие воглавно биле Срби, но сите од нив, еден по еден, го оставиле бродот што тоне.