УО на ФФМ на својата денешна седница одржана во хотелот Истатов во Нов Дојран по обемната дискусија во однос на извештајот на селекторот на А-националниот тим, Мирсад Јонуз за постигнатите резултати во квалификацискиот циклус за ЕП 2012 донесе едногласен заклучок да не се прифати извештајот на селекторот. Се констатираше дека се прекршени и не се почитувани одредбите од договорот склучен со ФФМ за извршување на функцијата и поради тоа селекторот и стручниот штаб на А-селекцијата се разрешуваат едногласно. На самиот почеток на седницата по барање на селекторот , истиот поднесе усно образложение на доставениот писмен извештај при што на крајот потенцираше дека не поднесува оставка на функцијата и доколку биде разрешен од УО правата ќе ги бара по правен пат согласно договорот. На својата наредна седница УО ќе расправа за условите за избор на нов селектор на А-националниот тим.