Советничката за семејни прашања Сибел Јуресин предложи легализирање на полигинија или многуженство (брачна врска од еден маж со повеќе жени) во истанбулските општини Фатих и Ејуп, кои се предводени од происламската Партија на правдата и развојот, пренесуваат турските медиуми.
За весникот “Хабертурк“ Јуресин изјави дека многуженството е присутно во религијата и таа ситуација треба да стане законска.
“Еден маж не е потребно да бара дозвола од својата сопруга доколку одлучи да склучи религиозен брак со друга жена, но втората, третата и четвртата сопруга се запоставени“, истакна советничката која е забрадена.
Таа признава дека доколку се родела како маж ќе сакала да биде венчана за неколку жени.
Јуресин и претходно давала слични контроверзни изјави. Пред извесно време таа јавно истакна дека не ги смета ќотекот и неверството на мажот како причини за развод, оценувајќи дека во 80 проценти од случаите жените во Турција “јадат ќотек поради нивниот долг јазик“.
Извор: Нетпрес