На вчерашната лидерска средба кај претседателот Ѓорѓе Иванов е постигнат извесен напредок во врска со барањата на опозицијата за одржување на предвремени парламентарни избори, оценија по шестчасовната средба лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Нова Демократија, Никола Груевски, Бранко Црвенковски, Али Ахмети и Имер Селмани. Уште една лидерска средба кај претседателот Ѓорге Иванов е закажана за вторник попладне.
Постигната е согласност за Изборниот законик односно во избирачките одбори да има четворица партиски членови, рокот за контрола на Избирачкиот список да биде 30 дена од формирањето на Комисијата во Собранието и да се редефинираат границите на шестата изборна едници поради поголем број гласачи од законски дозволеното.
“Со цел да му ги одземеме и последните алиби на лидерот на СДСМ Црвенковски, зад кои се задскриваше донесовме одлука да прифатиме работи кои тој ги бара, а за кои имаме сериозни аргументи против, прифативме дополнителни работи“, изјави Груевски.
Тој информираше дека на средбата фокусот бил на четирите барања на СДСМ и оти две од нив условно прифатиле.
“Прифативме две барања условно, што значи доколку не оди на избори нема да ги прифатиме и тие, затоа што имаме сериозни аргументи против. А тоа се барањето на СДСМ изборните одбори да имаат од вкупно пет, четири партиски членови, и да добијат триесет дена рок за контрола на пречистениот Избирачки список, рече Груевски. Она што, како што рече, не можат да го прифатат односно или е нелогично или не е во нивна надлежност се деблокирање на сметката на А1 и закон за медиуми.
“Но и тука укажавме дека по изборите сме расположени да отвориме поширока јавна дебата во која ќе се вклучат и медиумите бидејќи тие ќе бидат предмет на законот“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. За Црвенковски, како што рече Груевски, ова не било прифатливо.
И покрај тоа што условно се прифатени барањата на СДСМ за избирачките одбори и за избирачкиот список, на директно прашање на Груевски, лидерот на опозицијата рекол дека не е постигнат договор.
“Повторно не се прифаќаат и се заклучува од негова страна дека немаме договор, и дека не се враќа во Парламент, а доколку одиме на избори дека ќе ги бојкотира изборите. Очигледно е дека Црвенковски прави се што може за да не се случат избори, или ако се случат да ги бојкотира. Но со условните прифаќања му ги сузбиваме сите алибија и излегува на површина многу појасно, и за оние на кои не им било можеби до крај јасно, неговата намера да бојкотира избори и да не се враќа во Парламентот“, изјави Груевски.
Црвенковски, според него, побарал уште една средба која е прифатена.
Лидерот на СДСМ Црвенковски рече дека иако е направен одреден напредок, доколку не се исполнат сите нивни барања тие нема да се вратат во Парламентот и оти останува отворена можноста за бојкот на евентуалните предвремени избори.
Потврди дека е постигнат напредок за прашања поврзани со Изборниот законик, односно за избирачките одбори и рече дека СДСМ се откажала од барањето за загарантирани квоти за помалите етнички заедници.
“Постигната е и согласност за ревидирање на границите на шестата изборна единица, на барање на Селмани, поради поголемиот број ибирачи од законски дозволениот, како и за контрола на Избирачкиот список, рече лидерот на опозицијата“.
Контролата, изјави Црвенковски, треба да се направи за триесет дена откако СДСМ ќе се врати во Собранието.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети средбата ја оцени како продуктивна и конструктивна.
“Има доближување на позициите меѓу страните и затоа претседателот свика продолжение на средбата за вторник. Никој не може да го прејудицира текот на разговорите, но се надеваме дека оваа позитивна атмосфера ќе продолжи“, изјави по средбата Ахмети.
За Имер Селмани од Нова Демократија барањата што ги поставил се во насока да се направи добар закон за фер и демократски избори.
Извор: Нетпрес