Препознајте ги знаците на замор

5 мај, 20110
tired student

Редовните и интензивни тренинзи во теретана се главниот предуслов за да развиете здраво и убаво тело. Сепак, во желбата што поскоро да се стаса до очекуваните ефекти, многумина знаат да претераат. Затоа, без разлика дали сте рекреативец или професионален спортист, добро е да знаете да ги препознаете знаците на замор, и особено знаците на претренираност.

Кога станува збор за заморот, тој може да биде психички и физички.

Психичкиот замор, особено ако станува збор за долготрајна и стресна работа се карактеризира пред се, со: губиток на концентрацијата, немир, нервоза, глвоболки, несоница или желба за спиење. Но, не ретко психичкиот замор може да се манифестира и со постојана желба за храна, губиток на апетитот, стомачни проблеми, печење во очите, болки во вратот и сл. Запомнете, психичкиот замор не се лекува со многу кафе и таблети. Кафето кое содржи кофеин, како и таблетите за главоболка и другите аналгетици се само моментална „прва помош„ за непријатните чувства. Психичкиот замор најдобро се решава со психички одмор: престанување на активноста која ве заморува, повлекување на тивко место, пријатна музика или дружење, свежа храна, добар сон и се разбира со лесна физичка активност. Физичката активност е одличен „лек„ за акумулираниот стрес, монотоната работа и сл. Таа има катарзично дејство и помага во нормализирање на метаболизмот. Екстремниот физички напор не е препорачлив во состојба на голема психичка исцрпеност.

Од друга страна, и постојаното тренирање на еден ист вид спорт на исто место, со исти луѓе, или пак притисоците за постигнување на што подобар резултат можат да резултираат со психички замор кај активните спортисти. Затоа, во овие летни денови добро е да се направи промена, да се избере друга активност или едноставно да се направи пауза во тренирањето од една или две недели. Тоа ќе му овзоможи на организмот да се рехабилитира, а во психолошка смисла ќе придонесе кон враќање на ентузијазмот за повторно тренирање.

Физичкиот замор вообичаено настапува по долготрајни исцрпувачки тренинзи, но и тој има способност да се акумулира. Знаците на физички замор се слични со оние на психичкиот замор: губење на концнетрацијата, чувство на малаксаност, неможност да се тренира отпимално, безволност, желба за сон, губиток на апетитот, болки во мускулите, силна потреба за одмор. Најдобар лек се добриот сон и квалитетната храна.

Игнорирањето на психичкиот или физичкиот замор на подолго време може да доведе до сериозни нарушувања кои можат да доведат до претренираност и предизвикаат болести. Затоа, следете ги сигналите кои ви ги испраќа вашето тело и навреме задоволете ги неговите потреби.

Извор: статија.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *