Седуммилијардитиот жител на Земјата ќе се роди за шест месеци

Светската популација ќе брои точно седум милијарди жители на 31 октомври, годинава, пресметале експертите на Обединетите нации, објави “Ројтерс“, пренесува Нетпрес.
До крајот на веков, пак, на Земјата ќе има 10 милијарди жители, а можеби и нешто повеќе. Извештајот открива дека светската популација, кон средината на веков, ќе биде побројна од предвиденото во последната прогноза, и ќе достигне 9,31 наместо 9,15 милијарди луѓе. Како причина за ова се наведува пониската смртност и поголемениот наталитет од очекуваното.
Новата прогноза за достигнувањето на рекордните 7 милијарди жители, во октомври, била направена на основа на калкулации според сегашната тенденција. Ако наталитетот се зголеми за половина дете на жена, населението може да достигне близу 16 милијарди кон крајот на веков. Претставници на ООН потенцираат дека нивните прогнози се засноваат на хипотезата дека во текот на столетиево просечниот наталитет ќе се намалува.
Извор: Нетпрес