Три илјади нови садници за Македонија

Под мотото “Ајде на садење, батали политика бар денес“, во Македонија денеска по седми пат ќе бидат засадени три илјади садници во рамки на акцијата “Ден на дрвото – пролет 2011“.
Акцијата симболично во понеделникот ја започнаа првата дама на Македонија, Маја Иванова и сопругите на амбасадорите во државава со садење на дрвца во манастирот во скопското село Љубанци.
Во засадувањето на Водно се придружија и вицепремиерот за европски прашања, Васко Наумовски, шефот на дипломатијата Антонио Милошоски и претставници на дипломатскиот кор.
Иницијаторот на акцијата Борис Трајанов апелира граѓаните масовно да се вклучат во акцијата и денеска да не размислуваат на политика и на предизборниот период.
“Луѓето да си садат дрвца, да си размислуваат, без оглед на политичка, социјална верска, национална определба, а следниот ден нека си размислува секој како ќе гласа, тоа е граѓанска обврска. Излезете, нема поубаво чувство од тоа кога ќе се засади дрвце и кога потоа ќе дојдете да го видите. Да си ја направиме нашата околина поубава, и така животот ни е многу напорен, динамичен, дајте малку да и се вратиме на природата“, вели Трајанов.
Во пролетната акција „Засади ја својата иднина“ ќе се пошумуваат урбаните средини, во близина на градовите, како и во околината на вештачките и природните езера.
За помасовно учество во акцијата, Владата го прогласи денешниот ден за неработен, што ќе се одработи во сабота на 9 април, а е обезбеден и бесплатен автобуски превоз до локациите каде што ќе се сади.
Во изминатите шест акции беа засадени над 30 милион дрвца на површина од 8.641 хектари и посеано е семе за четири милиони садници.
Извор: Нетпрес