Уметност во исхраната

26 април, 20110
foods-1-01

Дали овој наслов ви се чини чуден? Дали ве асоцира на убаво аранжирана храна, која е разновидна, со различни бои и така искомбинирана што создава прекрасен естетски впечаток? Одговорот може да се земе за површно точен зашто уметноста во исхраната не се однесува на надворешниот изглед, туку на тоа како и приоѓаме при подготовката, со каков внатрешен став ја консумираме.

Човекот вообичаено многу тешко прави корекции во своите животни навики, а тоа е највидливо кога се работи за исхраната. Сигурно имате некој ваков пример на близок на кој му е навистина тешко да не брза при јадењето, на кој му е толку тешко да става помалку сол, толку му е тешко да одбие мрсничко иако има голем проблем со маснотиите.

Дури и здравјето кога е сериозно нарушено, тешко е да се постигне контрола на исхраната. Во последно време толку се бориме против зависностите, а не си признаваме дека најголем број од нас страдаат од некаква штетна зависност од храна.
Ако веќе сакаме да преминеме на поздрав избор на храна, најдобро е тоа да го направиме постепено, и информирајќи се од сигурни извори за тоа што е добро и корисно за нашето здравје. На секој човек во одреден период од животот, во одреден период на годината, во одредени околности може да му одговара одреден вид на храна. Со тоа може да се запознаеме проучувајќи некое дело од областа на ајурведата.

Може да е корисно да видиме како во духовните учења, во јогата и зенот на пример, се гледа на исхраната. За нив не е важен само изборот на храната, туку и што мислиме и чувствуваме додека ја готвиме и јадеме.

Во Упанишадите е запишано дека умот е продукт на храната. Мудрите луѓе што го забележале ова многу одамна сфатиле дека исхраната има голем ефект и на телото и на умот, и дека не може да се очекува смиреност и јасност на умот без урамнотеженост во исхраната и во начинот на живеење.

Трите вида храна
Во јогата на храната се гледа низ призмата на трите гуни. Материјата (пракрити) се наоѓа во три еволутивни степени или три својства: сатва, раџас и тамас. Кога ќе се оформи било каква форма во природата едно од овие својства ќе преовладее, но ќе бидат присутни и другите две. Тие се присутни во сé што постои и во секоја акција. Во секој човек преовладува една од нив и таа се одразува во сé што тој прави и мисли. И различните видови храна ги имаат овие три својства, па кога ја јадеме и на одреден начин внесуваме и одредена “градба” во себе.

Тамасик или “нечистата” храна, е отстоената храна, без вкус, со лош мирис, која содржи вештачки додатоци, конзервираната, која е приготвувана долго време или е фабрички произведена. Тука спаѓа алкохолот и кафето. Има штетен ефект врз телото и умот – нé прави мрзливи, поспани и неспособни да мислиме јасно. Ја ослабнува отпорноста на телото на болестите, а умот го исполнува со мрачни чувства. Јадењето во големи количини се смета за тамастичко.

Раџасик или стимулативната храна, е зачинетата, многу киселата, горчливата, лутата, пресолената, пржената храна. Тука спаѓаат концентрираните извори на протеини како месото, рибата, јајцата, чоколадата, јаките чаеви. Ја нарушува рамнотежата помеѓу телото и умот. Кога преовладува раџасичката храна телото се дразни, се будат страстите, стануваме поагресивни и немирни што ја отежнува контролата на умот. Брзото јадење се смета за раџасичко.

Сатвик или чистата храна, е свежата, мирисно-пријатната и вкусна храна. Таква е природно израснатата храна, без адитиви, свежото овошје и зеленчукот, житата, медот, млечните производи, семињата и зрнестите костеливи плодови. Таа помага да се одржи бистрината на мислите, решителноста, интелектуалното и контемплативното размислување. Ја зголемува виталноста, енергијата, здравјето, радоста, расположението и смиреноста.

За да му помогнеме на своето здравје би било добро кога во нашата исхрана би преовладувала сатвичката храна, а раџасичката и тамасичката храна да се контролирано присутни.

Подготвувајте ја храната со љубов
Но, на храната и придодаваме позитивни карактеристики и со начинот на нејзиното подготвување. Додека извршуваме некој акт “бојата” на нашите мисли и чувства остава печат на она што го правиме. Тоа е особено важно да го земеме предвид кога подготвуваме храна и пијалаци, и да ги направиме со внимание, позитивна намера, трпение и љубов. Иако на домаќинките готвењето некогаш им е здосадено, нека не биде тоа само една рутинска работа за да има што да се фрли во чинијата. Не гответе никогаш со лутина и грижи ако им сакате добро на своите најблиски, во прилог на тоа се и некои истражувања вршени врз водата, која е присутна во сé она што го внесуваме во својот организам.

Јадете со внимание
Работата не завршува само со тоа. Од храната ќе имаме најголема корист ако ја јадеме на истиот начин, придавајќи ѝ внимание, чувствувајќи ѝ го вкусот. Додека го земаме оброкот го одбегнуваме она што може да нé вознемири или што ни го зема вниманието, како ТВ, весници или разговор за непријатни теми. Ако сме нервозни и уморни најдобро е прво да се одмориме па потоа да го земеме оброкот. Да се обидеме да јадеме во тишина и со пријатни мисли, и со благодарност за оној што се потрудил да го направи. Тивко уживајте во храната и повремено сетете се дека таа е дар од природата. Така храната подобро ќе се свари и ќе се искористи и некои проблеми со дигестијата спонтано ќе се повлечат.

Дисциплина и при јадењето
Зенот е јапонска духовна традиција која плени со уникатните обичаи во уредувањето на градините, подготовката на чај, земањето на оброците. Правилата при земањето на оброците во нивните манастири биле толку рафинирани што биле внимателно објаснети во специјални прирачници. Едно од правилата било да се рецитираат одредени сутри во текот на оброците за повторно да се освежи сфаќањето на монасите за значењето на јадењето и да се продлабочи нивното внимание, а со крајна цел да се постигне соединување во совршено единство со самото земање на оброкот.

Било важно: кога мислат на храната да мислат од каде дошла таа; да ја прифатат како понуда; за да се заштитат од замките на својот ум и за да се одвојат од своите грешки, пред сé требало да ја совладаат лакомоста; ако чувствуваат телесна слабост, го земаат оброкот како лек.

Гледајќи во оваа традиција веројатно повеќето ќе сфатат дека најчесто јадат механички, со брзање, само за да се заситат. Не може секогаш да се вадиме на недостигот на време, и ако не секогаш, зошто повремено да не помислиме и ние за тоа колку луѓе биле ангажирани за да може да го имаме тоа јадење. На пример, оризот, зеленчукот, житото и она што во мигот го имаме на трпезата некаде биле одгледани, некаде растеле, биле собирани и обработени. Колкав човечки напор бил вложен во сето тоа? Освен тоа, какви сé природни сили учествувале во тој процес: сончевата топлина, хранливите материи од земјата, влијанието на ветерот и водата, промената на сезоните. Методите на одгледување на културите и на производството на храната, што не се само плод на современите луѓе туку и на напорите на луѓето од минатите времиња. Како таа храна била транспортирана за да можеме да ја купиме во продавница. Кога ќе помислиме на сето тоа, ќе видиме дека бројот на оние што учествувале и се грижеле за неа е речиси бескраен. На ова зен-монасите се потсетувале на секој оброк.

Тоа се разбира дека е дел од нивната практика за стекнување на контрола над умот и за исцелување од трите основни зли болести: пред се лакомоста, а потоа лутината и незнаењето. Овој подвиг е голем и вреден за почитување, од кој бар малку може да научи и примени секој, да има почит кон храната, да помисли на другите човечки суштества што можеби гладуваат и да посака сите да го добијат она што им е потребно.

Aвтор: Весна Алексовска е оснoвач и претседател на Центарот за јога и личен развој, во кој работи на примена на јогата како систем кој им помага на луѓето во нивното лично спознавање и во достигнувањето на внатрешен мир и благосостојба. За повеќе информации посетете ја веб страната http://www.yogacentar.org.mk

Извор: Статија.мк

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

escort - Korsan taksi