Вељаноски реизбран за претседател на Собранието

26 јуни, 20110
makedonski parlament
Собранието на Македонија на денешната прва конститутивна седница го реизбра Трајко Вељаноски за спикер на македонското Собрание и ги верификуваше мандатите на новите 123 пратеници.
За Вељаноски гласаа 70 пратеници, двајца беа воздржани, а 47 гласаа “против“.
Предлогот на претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Илија Димовски, досегашниот прв човек на македонскиот парламент Трајко Вељаноски со осум гласа “за“ и пет гласа “против“ да биде реизбран, Комисијата го достави до Собранието кое гласаше за истиот.
“Довербата што ми ја искажавте за мене е огромна чест и задоволство. Оваа функција ќе ја извршувам совесно, пожртвувано и пред се’ одговорно. Македонското собрание ќе биде нашиот гарант за остварување на државните интереси. Алатките како што се Уставот, законите и деловникот ќе биде основата за мојата работа. Собранието ќе симболизира обединување на политичките разлики“, рече Вељаноски, по свечената изјава за претседател на Собранието.
Предлогот за верификација на мандатите го даде Верификациската комисија, формирана на денешната конститутивна седница, по разгледувањето на извештајот на ДИК со конечните резултати од парламентарните избори на 5 јуни.
Со верификацијата на мандатите, на пратениците кои се членови на Владата или извршуваат други функции им престанува досегашната функција.
Пратениците го изгласаа и составот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која на иницијатива на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, го предложи Трајко Вељаноски за претседател и на новиот состав на Собранието.
“Денеска почнуваме како што завршивме, за жал моето мислење дека ќе избереме претседател со консензус не се оствари. Јас се надевам дека сите ќе извлечеме поука од тоа што се случуваше досега и нема да останеме глуви на она што го кажува Европската унија“, рече Јани Макрадули од СДСМ.
Горан Мисовски од НСДП изјави дека очекува дека за прв пат дама ќе го води Собранието.
“ДУИ во кампањата кажуваше дека нивен кадар ќе го води законодавниот дом“, истакна Мисовски.
Ова е седми состав на Собранието од независноста на Македонија во 1991 година, и прв што ќе брои 123 пратеници.
Првпат во собраниските столчиња седнаа тројца пратеници од дијаспората откако македонските државјани во странство добија право глас, а дел од нив и го остварија на предвремените парламентарни избори на 5 јуни. Изборите што се одржаа на 5 јуни се втори предвремени парламентарни избори од независноста на Македонија и втори вакви избори во низа.
Извор: Нетпресс

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

escort - Korsan taksi